Ѓорѓиев: Во недела да ја победиме Грција и да се пласираме на уште едно Европско првенство

Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓорѓиев верува дека во недела во Скопје може да падне Грција, а тоа значи и пласман на Македонија на уште еден континентален собир.

Македонија со победа од 3-0 над Грузија ги почна квалификациите за Европското првенство 2026, следува меч со Грција во Скопје која е многу посериозна селекција од Грузијците. Ако македонските одбојкари слават на овој меч, практично ќе бидат пласирани на ЕП.

-Одличен почеток на квалификациите, убедлива победа над Грузија од 3-0. Јас баш вчера разгледував дека никогаш досега во нашата историја немаме почнато квалификации со победа од 3-0. Првиот чекор е направен. Во недела во „Јане Сандански“ не очекува една дерби пресметка, за мене класико против Грција. Тоа е репрезентација која мислам дека е на наше ниво и ако имаме добар ден, ако бидеме дисциплинирани, посебно во блок одбрана и добар сервис мислам дека можеме да победиме, вели капитенот Никола Ѓорѓиев.

-Калкулации нема, одиме на победа. Јас како капитен и целата моја екипа е подготвена да извојуваме победа и мислам дека со таа победа ќе ги отвориме широко вратите и 99 проценти ќе го оствариме нашиот сон, сонот на оваа некоја нова генерација иако има доста стари кои играме, но сепак сонот наш е да одиме на Евро 2026. Ја повикувам публиката во што е можно поголем број да ни помогне. Ќе биде тешко, нема да биде така лесно како против Грузија. Но јас верувам и ветувам дека ќе дадеме 100 проценти од нас и во недела ќе славиме Европско првенство, заврши тој.

Мечот меѓу Македонија и Грција се игра во недела во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 20:15 часот.

Претходна вестПовреден малолетник во струмичко, врз него паднал рефлектор во забавен парк
Следна вестВладата чека на предлози за реформи во судството за да се реши дали ќе се распуштаат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители