Ѓорѓиевски: Градењето на ново училиште е најубав начин да се одбележи 100 годишнината од постоењето на ООУ „Св. Климент Охридски“

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес присуствуваше на одбележувањето на стоте години постоење на ООУ „Св. Климент Охридски“. Потенцираше дека најубавиот начин да се прослави овој значаен јубилеј е преку инвестирање во подобри услови за учениците, а во ова училиште токму тоа се случува. Изградбата на новиот современ училишен објект е во напредна фаза и ќе значи најдобри можности за раст и развој за сегашната и сите идни генерации.

-На мое големо задоволство, денес сме собрани тука за да го одбележиме стогодишниот јубилеј на ООУ „Св. Климент Охридски“. Ова училиште цел век е дом на најубавите спомени од детството на многу генерации. Тука првите чекори во образованието ги правеа денешни лекари, инженери, учители, луѓе кои денес се темелите на нашата заедница.

Но, она што го прави овој јубилеј посебен е не само нашето сеќавање на минатото, туку и нашиот поглед кон иднината. Денес со гордост можам да објавам дека изградбата на новиот училишен објект за „Св. Климент Охридски“ е во напредна фаза. Со простор од 3600 квадратни метри, со 19 училници, 7 кабинети, и сите други неопходни простории, ова ќе биде најсовремено училиште кое ќе ги задоволи сите потреби на новите генерации ученици. Впрочем, сметам дека најубавиот начин да го одбележиме овој јубилеј е токму преку создавање на подобри услови за оние кои ќе го носат нашето наследство понатаму. На тој начин, инвестираме во иднината на нашите деца, во нивното образование, нивната среќа и нивната перспектива. Истовремено, стариот училишен објект, кој носи толку многу емоции и спомени, нема да биде срушен. Напротив, ќе му дадеме нов живот со соодветна намена, за тој да продолжи да сведочи за историјата на нашата заедница и да биде дел од нашиот идентитет-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, честитајќи го јубилејот и посакувајќи ова училиште, како што било во изминатите 100 години, и понатаму да биде место каде што се создава иднината.

Претходна вестИма ли неправилности: Квалитетот на горивата во Македонија под лупа
Следна вестМицкоски: Ако пропадне тендерот за нафта за ЈСП, ќе мора повторно да помогнеме, но тоа не може да оди во недоглед