Меѓу македонскиот народ остана запаметен како „македонски Хомер“, откако во 1860 година со своето најпознато дело поемата „Сердарот“, („О Арматолос“) победи на традиционалниот книжевен конкурс во Атина и за него почна да се зборува како за „втор Хомер“. Тоа беше само врвно признание за голем литературен талент каков што беше Глигор Прличев, а кој до крајот на својот живот, на денешен ден пред 131 година, на 6 февруари 1893 година, ќе стане еден од најголемите македонски писатели од 19 век. Негови подоцнежни дела како, на пример, „Автобиографијата“, словото-есеј „Чувај се себеси, „Скендербег“, преводот на „Илијада“, а посебно песната „Во илјада седумстотин шездесет и второ лето“ која е посветена на укинувањето на Охридската архиепископија и други, тоа само го потврдија.
Прличев е несомнено најголемиот поетски талент помеѓу македонските книжевници од овој период. Истовремено, тој е типичен пример на македонските интелектуалци од 19 век, кај кого дојдоа до израз главните политички и културни струења и заблуди, настанати врз основа на општествено-економските прилики во Македонија. Врз основа на тогашните актуелни прилики во земјата Прличев се јавува како супериорен литерат кој според јазичната припадност е всушност тродомен автор: грчки, бугарски и македонски. Тој во себе истовремено ги обединува специфичните и карактеристични елементи на класицизмот и романтизмот, кои како стилски белези доминираат во времето во кое живее и работи. Прличев живеел и работи во повеќе балкански културни центри (Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Солун, Атина, Тирана, Цариград, Софија). Коректно владеел повеќе балкански и европски јазици.
Роден е во 1830 година во сиромашно охридско семејство, како четврто и последно дете на Марија Ѓокова и Ставре Прличев, охридски занаетчија. Набргу неговиот татко починал, а Прличев останал сирак со шест месеци. Извесно време за фамилијата на Ставре Прличев се грижел неговиот дедо, хуманист по доша, кој собирал доброволни прилози за затворениците и бил голем љубител на книгата. Неговиот дедо, согледувајќи дека и кај неговиот внук се раѓа љубов кон книгата на рамо го носел во училиште, а пред неговата смрт оставил аманет на мајка му бездруго да го продолжи школувањето на Григор. Мајка му и сестра му аргатувале по куќи, а тој продавал јајца, им давал часови на богаташките деца и препишувал книги. Освен овие податоци, во својата „Автобиографија“ Прличев го опишува основното училиште и тогашните учители, како и доаѓањето на Димитар Миладинов за учител на кого „мед му течело од устата“ кога зборувал.
Во 1849 година се запишува како студент по медицина на Атинскиот универзитет. Но наместо да ги посетува часовите на маедицинскиот факултет, најчесто тој пишувал песни и ги закачувал по зидните табли на универзитетската аула. Тогаш за првпат дознал за конкурсот за поема во Атина. Во текот на 1850г. повторно се враќа во Македонија и до 1859 година учителствува на повеќе места во Долна Белица, Струшко, Битола, Прилеп и Охрид, за да си обезбеди услови за продолжување на студиите. Две мирни години, исполнети со школска практика и пеење стихови поминал во струшкото село Долна Белица, кое што потоа ќе го опише во „Сердарот“ и во својата „Автобиографија“. Во Битола провел неколку месеци во барање работа, а во Прилеп учителствувал неколку месеци. Подолго време Прличев учителствува во Охрид и откако собрал доволно пари во 1859 година се враќа во Атина, како студент на втора година по медицина. Но, наместо да се занимава со медицина, ја пишува поемата „Сердарот“ („Ο ΑΡΜΑΤΩΛΟΣ“) и ја освојува главната награда за најдобра поема на грчки јазик, која се состои од паричен дел и лаворов венец.
По ова тој се вратил во Охрид и веднаш ја започнал работата врз новиот поетски проект – поемата „Скендербег, далеку попретенциозен творечки зафат. Работи како учител во родниот Охрид, каде го чуствува народното движење за отфрлање на грчкиот јазик од училиштата и црквите. Пресвртница во животот на Прличев, според неговото раскажување, направила смртта на браќата Миладиновци во цариградските зандани. Во судирот со фанариотскиот митрополит во Охрид, Милетије и грст одродени чорбаџии, застанува на страната на својот народ и се ослободува од еленистичкото влијание. Со Јаким Сапунџиев ја започнал борбата за воведување на народниот јазик во училиштата. Со ова Прличев ја официјализира својата борба против грцизмот во Македонија. По заслуга на Прличев, во Охрид се формира ќурчиска каса во 1866 година која како материјална база се користи во борбата за воведување на народен јазик во училиштата и црквите.
Во 1868 г. турската власт го затвора и го депортира во дебарската зандана, поради клевета од страна на грчкиот охридски владика. По затворскиот период го посетува манастирот „Св. Јован Бигорски и е восхитен што во него се служи на старословенски јазик. Пред народот држи беседи исполнети со борбеност, а ќе испее и неколку песни меѓу кои и песна за Охридската патријаршија.
…Ќе пратит владици Грци, лицем светци, срцем в,лци
Ќе ве дават ќе ве стрижат, ќе млзат до крв
Меѓу народа ќе сејат несогласје и раздори,
Да се мрази син со татка и со брата брат…, пишува тој во поемата
Следната 1869 г. во Охрид масовно се воведува народниот јазик во училиштата. Истата година се жени со Анастасија, ќерка на Димитар Узунов, со која има пет деца (Костадинка, Лијза, Кирил, Деспина и Ѓорѓи). Во меѓувреме тој активно работи на издигнување на младото поколение во македонските училишта.
Животниот пат во 1879/1880 година го носи во Бугарија каде работи во габровската гимназија. Таму, Прличев се соочил со неможноста да го усвои месното наречје. Идната година бил на служба во Народната библиотека во Софија, каде „вториот Хомер“ бил ангажиран со обична заморна работа – пишување картотека на библиотечниот фонд. Незадоволен од својата работа тој побарал да биде ослободен, по што бил назначен прво за учител во Битола, а потоа во Охрид. Прличев по пензионирањето во 1890 година, последните свои денови ги поминува во Охрид каде умира во 1893 година. Смртта на Прличев означувала крај на една ера и почеток на нова ера во која дел од неговите ученици ќе ја основаат Македонската револуционерна организација, а Крсте Петков Мисирков ќе ја создаде „За македонцките работи“.
Гробот на Глигор Прличев се наоѓа зад црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид, а спомен-домот посветен на него се наоѓа исто така во Охрид, на улицата „Самоилова“, близу до црквата Света Софија.