Оваа недела не гледав вести и политички емисии на телевизија. Решив малку да сочувам нерви и од политичарите и од уредничињата кои ги прават провладините вести, а кои се скоро на сите телевизии.
Ама запнале моите претпоставени у весникот дека мора за вестите да пишувам. И решив да се снајдам – ќе ги прашам пријателите како тие ги гледале вестите и шо гледале и ете ти завршена работа.
Тргнав ја да ѕвонам по пријатели и роднини (нели не треба да се сретнуваме – короната демне) и за кратко време паника ме фана. Кому и да се јавам никој вести не гледал веќе со месеци. Кој од исти причини како мене, кој поради тоа што на интернет се информирал, кој… ама никој не сака у екран да зјапа и како шо ми велат – некој да не манипулира дека се цвета у Македонија.
Пиши таму дека ако не се поправат телевизиите никој нема да се вратиме да им ги гледаме вестити. Ете така ми рекоа – ете така и ви пренесувам.
Иначе, сал еден мој пријател гледал вести. Одвај издржал, ама морал да глуми заинтересираност само за да не го тера жена му да мие садови. Демек, остај ме, важно кажуваат на телевизија, а жена му ако излезелa од собата, он одма мењал канал.