Го гушкаа ГТЦ за да го спаселе од „лоша реконструкција“ па го оставија да се распаѓа

Пред 9 години СДСМ како опозиција ги поддржуваше граѓанските протести, „гушкањето на ГТЦ“ за да не се реновира објектот во барок стил. Ветуваа враќање на сјајот на трговскиот… И, го сопреа обидот на тогашната власт за реновирање. Но, кога социјалдемократите дојдоа на власт не дојде и враќањето на сјајот на ГТЦ. Напротив…

Скопје има неколку симболи. Скоро сите се во загрижувачка состојба. Скопското Кале е оставено само на себе, Камениот мост е во лоша состојба, Старата чаршија плаче, улицата „Македонија“ исто така… Во таква состојба, ако не и полоша е уште еден од поранешните препознатливи симболи на македонката метропола – Градскиот трговски центар.

ГТЦ го нема веќе подолго време својот сјај и симболика. Беше направен пред 51 година и долго претставуваше архитектонска и комерцијална гордост на Скопје. Сега се е во сивило и тоа не може да го сменат ниту поставените продажни осмомартовски тезги, кои внесоа одредена живост во приземниот дел. Доволно е само искачување на кат или два погоре за да се видат празните дуќани, оштетените тенди, плочки, плафони… и секој да се увери дека ГТЦ веќе не е она што беше и дека е прашање каква иднина ќе има.

А претходните власти имаа намера да го реновираат. Но, пред девет години имаше граѓанска иницијатива (помогната од тогашната опозиција од СДСМ) под мотото „Го сакам ГТЦ“ која се спротивставуваше на менувањето на неговиот надворешен изглед, на правањето на барок – фасада, на затворањето со цел внатре да биде потопло за граѓаните за да не ја загуби битката со напливот на новонаправените шопинг – молови. Тогашната политичка опозиција, сегашната централна власт, ги поддржуваше граѓанските протести, „гушкањето на ГТЦ“, ветуваше реконструкции, ново содржини, враќањето на сјајот на ГТЦ… И се сопре со обидот ГТЦ да се реновира. Но кога СДСМ дојде на власт не дојде до никакво враќање на сјајот. Напротив.

Паднати лајсни, плафони, искинати тенди…

-ГТЦ бил симбол со децении, но сега е во многу лоша состојба. Повеќе од половина е нефункционален, надлежните не беа во чекор со времето и состојбите, само алчноста ги водеше. Со домаќински одлуки може да биде повторно на врвот. Мислам дека Управниот одбор би требало да го бираат граѓаните, ни вели Киро Крстески.

Во запустеноста и нефункционалноста целиот објект брзо се уверивме. Пајажини по ѕидовите и плафоните, изникнато растение, детско игралиште кое пропаѓа е прво нешто коешто го забележавме кога влеговме во ГТЦ од аголот кај „Ирскиот паб“. На горниот, први, кат веќе имаше и редица празни дуќани. Отпадоци, извлечени кабли, скршени плафони… можеа да се видат во внатрешноста на дуќаните. „Се издава“, „Се продава дуќан“… се редеа налепени хартии на празните дуќани. На еден од нив забележавме и објави на сопствениците на дуќаните кои се жалеа на големите кирии, на неодржувањето…

Лоша глетка со празни дуќани, со искинати тенди на овој кат затекнавме и малку подалеку, на аголот кој гледа кон Триумфална порта, а каде некогаш беше познат угостителски објект. Тука во близина уште стојат остатоци од искршениот ѕид каде требаше да биде изграден лифт, но кој не се направи.

-ГТЦ во моментов личи на повеќечлено семејство без домаќин и за секое недомакинско работење следува казна. Очигледно е дека надлежните во изминативе 7 години воопшто не му обрнуваа внимание. Потребно е секојдневно одржување, не мислам на хигиената само, ни вели Билјана Антиќ.

Кат погоре беше уште попусто. Со две – три издадени продавници, се чини, немаше ни причина да доаѓаат луѓето. Тука просториите најмногу се издадени на некои од државните институции. Пред влезната врата на државната Агенција за промоција и поддршка на туризмот беше ризично да се помине поради плафонска алуминујумска лајсна која висеше надолу и може во око да ти се пикне. Кој знае каков впечаток ова го остава пред странските партнери кои доаѓаат во Агенцијата чија задача е да привлече странски туристи и во Скопје… На една од средишните огради се одмораше мачка, која, заедно со кучињата на приземниот дел покажува како ГТЦ станал засолниште и за бездомните животни кои во него наоѓаат храна… .

-Како граѓанин и активист направив се во своја моќ, да помогнам во зачувување на ГТЦ. Ми стана јасно дека и дуќаните, купени од приватници биле купени со некаков интерес и од истиот толку. Ниту ги интересирало дека тоа е обележје на градов, ниту дека е некакво културно наследство ниту дека е место кое ги има најубавите спомени на Скопје. Оттука мислам дека сите протести, гушкања и кампањи, беа само кочница, да се зачува нешто, а тоа е културата на овој народ и сето тоа во нечиј интерес, ни вели граѓанинот Гога Поп Георгиевски.

Вработуваа партиски кадри

Со ГТЦ управува акционерско друштво кое е во сопственост на Владата, но во изминативе години не најдоа начин Центарот да стане на здрави нозе. Инаку, деловниот простор во ГТЦ во 61 отсто е сопственост на приватни сопственици, додека на 39 проценти сопственик е АД ГТЦ. Во 2022 година загубата во работењето изнесуваше 645.000 евра, по приходи од 3,9 милиони евра и расходи од 4,5 милиони евра. Најмногу пари отишле за платите на вработените кои тука доаѓаат најчесто по партиски „препораки“ – 1,6 милиони евра, како и за потрошената електрична енергија – 1,3 милион евра. Пред три години ГТЦ го потресуваше аферата дека во него се крадела струја за „копање на биткоини“, а која потоа се распределувала за плаќање на закупците, но истрагата тоа не го потврди, ама сомнежите останаа.

За жал, на повидок нема никаква иницијатива што и како да се прави за да целиот комплекс биде подобар и повторно атрактивен. Се правеа порано одредени акции, поправки, се инсталираа два лифта, делумни „шминкања“ со графити, ама…

 -Состојбата на ГТЦ не доликува за објект во самиот центар на главниот град. За да биде атрактивен, треба да се отворат простории кои се потребни во условите диктирани пред се од работно време. Да се отворат простории со вработени за чување на предшколски деца за време на викендите, како и во попладневните часови, за што би плаќале родителите. Простори за учење, за танцување, ни рече Фимка Кацарска.

Граѓаните, пак, поставуваат и дилема дали воопшто треба да му се помага на еден објект кој е во мнозинска приватна сопственост. Само треба Владата да се откаже од своите намери да го „молзи“ ГТЦ и таму да вработува свои кадри.

За сега, ниту Владата, ниту Градот Скопје не споменуваат што понатаму. Излегува дека сите полека го забораваат ГТЦ и креваат раце од него иако едно време силно го „гушкаа“. 

Запустена кровната градина на Шилегов  

Пропаѓање доживува и зелениот покрив кој во 2019 година е направен како заеднички проект на тогашните градските власти на Скопје на челот со градоначалникот Петре Шилегов и УНДП, а за кој беа потрошени околу 550.000 евра. Замислен како зелена површина која ќе ја намалува температурата во центарот на градот и ќе привлекува посетители во ГТЦ, таму сега се случува распаѓање. Од двете фонтани отпаѓаат плочките, а во нив се собира ѓубре, канти за отпадоци се веќе искршени и испревртени, дел од зеленилото слабо се одржува… Едноставно, зелената градина, која Шилегов ја најавуваше како „нова скопска приказна“ и беше предадена на управување на ГТЦ, ја дели судбината на овој трговски центар  

Претходна вестДенеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Следна вестНе давам совети, не сакам никого да заглавам