Го прогонуваа српските, бугарските и грчките власти, но Димитрија Чуповски упорно беше македонски глас во светот

Кога починал во октомври 1940 година во Санкт Петербург за време на погребот неговиот ковчег бил покриен со знамето на Македонската колонија – изработено во 1914 година. На крстот неговиот син ги испишал зборовите: „Борец за правата и слободата на македонскиот народ“…

Така на последното почивалиште бил испратен Димитрија Чуповски, македонски деец, еден од најистакнатите афирматори на македонската национална мисла, поет, публицист, редактор, книгоиздавач, картограф, историчар… А во сето тоа доминирала една идеја – водилка: стремежот Македонија да биде независна и обединета држава, а македонскиот народ слободен.

На оваа цел Чуповски, практично, го посветил целиот свој живот борејќи се во најкритичните периоди во кои се носеле тешки одлуки за судбината на Македонија од страна на светските сили.

Тој е роден на денешен ден, пред 145 години, на 8-ми ноември 1878 година во велешко Папрадиште. Се школува во родното село и во Крушево, а потоа и во Софија каде се запознава со Даме Груев, Петар Поп Арсов и други македонски студенти, и каде борбата за правата и слободата на македонскиот народ станува негов иден животен пат.

Се враќа да учителствува во Папрадиште, а во 1895/96 година, тој е затворен поради неговата револуционерна активност. Потоа, успева да избега и преку Белград заминува во Русија каде остварувал најголем дел од својата активност посветена на Македонија.

Во Санкт Петербург во 1902 година го основа и е претседател на Македонското научно-литературно другарство до 1917 година), потоа на Словеномакедонското национално просветно друштво „Св. Кирил и Методиј (1912–1913), член и основач на Руско-македонското благотворно друштво „Св. Кирил и Методиј (1913–1914) и член-основач и претседател на Македонскиот револуционерен комитет во Петроград (1917–1924).

Тој постојано ја запознава руската и европската јавност за вистинската состојба во Македонија и ги пренесува желбите на македонскиот народ за самостојност и сопствена држава. За состојбата во Македонија води разговори со руските власти, со Турската и Австро-унгарската амбасада. Во 1905 и 1911 година патува во Македонија заради подготовки за отварање училишта на македонски јазик.

Во предвечерјето на Балканските војни, Чуповски настапува на јавни собири и е присутен во рускиот печат, а по започнувањето на војната доаѓа во Македонија. По пристигнувањето во Скопје и Велес заедно со Петар Поп Арсов, Иван Поп Јорданов и други интелектуалци создаваат јадро на борбата на македонскиот народ за создавање на македонска независна држава. Акцијата која ја започна Чуповски се пренесува и во Солун, каде Ризо Ризов и Павел Шатев ги организираат симпатизерите и активистите за спроведувањето на акцијата на Чуповски и другите револуционери од Велес и Скопје. Како резултат на овие активности се организира општомакедоноска конференција во декември 1912 година на која се бара ослободување на македонскиот народ и создавање на независна и обединета Македонска држава. Од конференцијата Чуповски добива полномошно за да може да ги застапува интересите на македонскиот народ пред Европа.

Активноста на Чуповски во Македонија е спречена од српските, грчките и бугарските власти, кои отворено му претат и го протеруваат од земјата. По враќањето во Русија, Чуповски се јавува во овој период со статии за завојувачкиот карактер на војната и за македонската државност.

За подобро запознавање до македонското прашање и желбата на Македонците за своја слободна држава, во март 1913 година ја објавува првата карта на македоноски јазик во боја „Карта Македониіа“ и заедно со Меморандумот на Македонците од 1 март  1913 година ги праќа до Лондонската конфереција и до рускиот печат. Три месеци потоа, на 7 јуни 1913 година потпишан е „Меморандум на Македонците“ кој е испратен до владите и јавноста на балканските држави,  а веќе на 9 јуни 1913 година се појавува и првиот број на списанието „Македонский голосъ“ („Македонски глас“).

Двата меморандума на Македонците од Петроград, покрај тоа што беа упатени во Лондон, Софија и Атина, беа објавени и во списанието „Македонски глас“, во тоа време единствено гласило на македонскиот народ. Списанието „Македонски глас“, кое Чуповски и МНДЛ го издаваат на руски јазик, е најзначајна периодична публикација на македонската национална мисла. Ова списание кое до 20 ноември 1914 години е отпечатено во 11 броја, преставува важен и единствен историски архив за борбата на Македонците за зачувување на територијалната целост на Македонија и за извојување на националната слобода на Македонците.

Борбата за самостојност и за национална држава на македонскиот народ на Димитрија Чуповски не престанува се до неговата смрт. Подготви македонско-руски речник, кој нестигна да го заврши, а пропаѓа заедно со ракописот на лексиконот за историја, етнографија, јазик, фолклор и културата на Македонија во бомбардирањето на Ленинград од фашистите во 1942 година. Но, неговото дело остана вечно запаметено во Македонија каде во 1990 година, неговите посмртни останки беа префрлени и погребани во Скопје како еден од најголемите македонски великани.

Претходна вестЕврокомисијата ќе ги објави извештаите за напредокот на кандидатите за членство во ЕУ
Следна вестЗатворен локалниот пат до Блаце, пристапот по привремен пат