Македонската женска ракометна репрезентација направи голем исчекор кон пласман на Европското првенство идната година по денешната победа на гостувањето кај Литванија со 31-28. Нашиот тим сега има две победи од два натпревари во групата 5.
Македонија го диктираше резултатот и играта речиси цел натпревар, освен почетните 10 минути, кога Литванија имаше минимална предност. По 8-8, нашите девојки го преземаа водството и не го испуштија до крајот. Имавме и +4 пред полувремето, но Литванките со серија од 2-0 се изборија за помала негатива пред паузата од 15-17.
Во второто полувреме, повторно ривалот имаше подобар старт, но само го израмни резултатот. Потоа ја вративме стандардната предност од 2 до 4 голови разлика и со сигурна игра запишавме победа од 28-31.
Сара Ристовска со девет голови беше најефикасна, но фантастичен меч одигра и Андреа Седлоска со осум голови од осум обиди, но исто така погодуваше во најтешките моменти за Македонија. Шест голови имаше Јована Саздовска, а Јована Мицевска на голот запиша осум интервенции. Аусра Арчисевскаја имаше девет голови за Литванија.
Шпанија и Македонија имаат по две победи во првите две кола во групата 5 и се на добар пат кон Европското првенство на кое се пласираат најдобрите две репрезентации од сите осум квалификациски групи, како и четирите најдобро третопласирани селекции.
Во следните две кола играме двомеч со Шпанија, прво на домашен терен на 28 февруари идната година, а три дена подоцна гостуваме. Последните два натпревари се во април, кога прво гостуваме кај Азербејџан, а потоа ја пречекуваме Литванија.