Македонскиот образовен систем кризира со години. Власта вели дека успешно го реформира. Но, само ако се сетиме дека фалеа учебници, дека лани на пример доцнеше и делењето на свидетелства…
Ама за оваа година се најавува голем напредок. Учебнава година немало да доцни делењето свидетелства како лани кога учениците го чекаа почетокот на новата учебна година за да ги добијат. Министерот за образование Јетон Шакири вели дека Бирото за развој на образованието ги завршило сите постапки околу набавката.
-Ме радува фактот што Бирото за развој на образование ги заврши сите постапки. Според мои информации денеска го завршуваат потпишувањето на договорот според сите жалбени постапки и навремено ќе се достават сите свидетелства во основните и средните училишта. Достава веќе имаме за матурантите и за тие што завршуваат основно образование, но наредните денови, до крајот на учебната година, ќе се достават свидетелства и за сите останати, рече министерот Шаќири.
За потсетување: Минатата година навреме ги добија свидетелствата само полуматурантите и матурантите, а на сите останати, поради ненавремени тендерски постапки, Министерството им кажа дека ќе ги подели во август, но свидетелствата беа поделени во септември, по почетокот на новата школска година.