Големи поплави во Србија, Босна и Хрватска

Силно невреме попратено со обилни врнежи од дожд го зафати подрачјето на северна Србија, односно Војводина, Хрватска и Босна и Херцеговина. Поради поплавите во некои места беше неопходна евакуација на жителите.

Во Србија особено беа погодени граовите Зрењанин и Нови Сад, каде улиците за еден час беа поплавени, регионалните патишта се под вода, а водата навлегла и во десетици куќи. Евакуирани се неколку семејства, а во Нови Сад има и двајца повредени. Екипите се на терен цела ноќ, а нивото на водата во делови од градот достигнала до крововите од автомобилите, поради што возачите морале да се качат на нив и да чекаат да дојдат спасувачите.

Силен дожд и град ги погоди и северозападниот дел на Србија, областа на Краљево, но и Топола, Бачка Паланка, Крагуевац и Аранѓеловац. Метеоролозите предвидуваат дека водениот бран ќе се движи и кон југот на земјата, а за нестабилноста најмногу влијаат циклоните од централниот Медитеран.

И Хрватска продолжува да се бори со поплавите. Најтешко е на подрачјето на Карловац и Хрватска Костајница. Голем воден бран синоќа помина низ Карловац, а водостојот на Корана достигна рекордно ниво од 852 сантиметри. Растот на Уна во Хрватска Костајница е запрен, откако вчера беше поплавен центарот на градот.

На полноќ во Карловац, Корана го израмни историскиот рекорд од 2015 година од 852 сантиметри, кој траеше цела ноќ.

Водениот бран продолжува да минува низ Карловац, а Купа и Корана се на нивните историски рекорди.

Неколку стотици згради беа поплавени, а загрозеното население е евакуирано во западниот дел на Босна поради излевање неколку реки.

Најлоша е состојбата во Бихаќска и Босанска Крупа, каде што, покрај зградите, поплавени се и неколку патишта. Водите се излеаја во поголемиот дел на Босанска Крупа, каде што беа поплавени многубројни семејни куќи и објекти. Сите граѓани во критичните подрачја се евакуирани, известија од тамошниот кризен штаб.

Патиштата се затворени за сообраќај, а спасувачките чамци се во подготвеност во сите критични области.

На подрачјето на Бихаќ поплавени се 300 згради, изјави градоначалникот на тој град, Елведин Седиќ, за „Дневни аваз“. Посочи дека Уна е излеана, а најавата за нови врнежи создава дополнителни грижи. На неколку места се градат насипи.

Во населбата Буковел во Велика Кладуша, поради поплава, отсечени се неколку куќи. Поради големите врнежи, локалните спасувачки служби не може да му помогнат на загрозеното население.

Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина денеска има итна седница, а се очекува да се донесат одлуки за давање помош за поплавите на населението на Босна Краина.

Претходна вестПрво дадоа лоша наредба за регистарските таблици, а сега се фалат дека го смениле тоа за доброто на граѓаните
Следна вестНајново ветување дека ќе се реконструираат студентските домови, овој пат ќе биде ли спроведено?