Зачуден сум од силната политичка изјава на колегата член на академско и експертско тело, и тоа во пресрет на новата средба, изјави историчарот Драги Ѓорѓиев како реакција на ставот на бугарскиот историчар Ангел Димитров. Бугарскиот копретседател на Мешовитата комисија во интервјуто за Бугарската национална телевизија ги обини македонските колеги дека „не сакаат напредок и прават се што е можно тој да не се случи“.
-Ако однапред се бараат оправдувања за неуспех на средбата, тоа секако нема да придонесе кон реализација на нашите заеднички цели. Далеку е покорисно да дадеме личен придонес во научната дискусија во рамките на комисијата, отколку во јавноста да даваме еднострани политички толкувања и лични желби. Очекуваме плоден дијалог ослободен од политички притисоци и политички агенди со цел да придонесеме во градење на заемно пријателство. Ставот за монолитна политичка позиција во однос погледите за минатото е како одек од едно друго време. Исто така, да се подредува нашата работа на политички барања и погледи е академски неприфатливо, потенцира Ѓоргиев, кој е македонскиот копретседател во Комисијата, во изјавата за Радио слободна Европа.
Ангел Димитров во разговорот за БНТ рече дека зборовите на премиерот Зоран Заев, кои влеале надеж наишле на сериозна критика дури и од членовите на Комисијата.
–Политичарите од двете страни сакаат напредок, но историчарите од македонска страна на комисијата прават се што е можно да не се случи тоа Ваквиот пристап го одложува решавањето на разликите во блиска перспектива, категоричен е Димитров кој додаде дека позицијата на Бугарија за прашањето на Македонија е „единствена и монолитна“.
Утре и задутре комисијата треба да ја одржи 11-та средба, а според бугарските медиуми тема е средновековието.