Гевгелискиот регион попладневно беше погоден од силно невреме проследено со интензивен пороен дожд и силен град со големина на орев. Најмногу град е паднат во селото Негорци. Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во 13 часот најмногу воден талог имало во Гевгелија, и тоа 9 литри на квадратен метар. Во југоисточните делови од земјата, од УХМР велат дека имало и грмежи.
Жителите на Негорци велат дека невремето и врнежите од град почнале околу 12:30 часот, а половина час подоцна повторно се интензивирало и од градот што паѓал сè било побелено. Освен во Негорци, невреме имало и во селата Мрзенци, Богородица, но и во Гевгелија.
Инаку, на 7. овој месец регионот на Гевгелија беше зафатен исто така со невреме проследено со град и силен дожд, а следниот ден Општина Гевгелија ги извести граѓаните дека оние што претпреле штети од невремето можат да поднесат барање до Комисијата за проценка и утврдување на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи при Општината.
Во невремето од 7. март од удар на гром загина и малолетник во атарот на селото Негорци, кога ја напасувал стоката.