Град Скопје да одлучи каква Зоолошка градина може да издржува, со сегашната тешко и оди

Скопје со години се фали дека има убава Зоолошка градина. И на прв поглед не е лошо налицкана. Ама, како всушност функционира тој „затвор за животните“?

Во скопската Зоолошка градина веќе нема ниту една жирафа. Завчера почина Флопи, во мај Каспер, а во јануари Тобаго… Жално. Тоа е сликата како под обландата нема баш многу сладок фил..

Претходно беа отруени и три пржевалски коњи. А да потсетиме ли дека на нилскиот коњ му фрлаа петарди во устата, на фоката…? 

Во јавноста се уште не се заборавени морничавите слики од колењето на 10 коњи со образложение дека биле болни. Патем, годинава таа го загуби и статусот на кандидат за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА) поради неисполнување на обврските зададени од ЕАЗА изминативе две години…

Сето ова доволно зборува дека нешто длабоко не е во ред со функционирањето на оваа институција што има посебно место во секојдневието на најмладите генерации на скопјани, но и другите граѓани. Се менуваат директори, на виделина излегуваат проблеми со негрижата за животните, неповолни услови за нивниот престој во живеалиштата, недоволна ветеринарна служба, недоволна безбедност и заштита на животите од злонамерните посетители…

Да, некои работи се подобрија, ама еве, умираат животните.

Очигледно, време е да се постави прашањето што со ваквата Зоолошка градина? Да се остави и натаму таква каква е – веќе е недозволиво.

Време е да се дефинира каква Зоолошка градина може да издржува Градот Скопје и другите инстититуции. Ако тоа значи и намалување на бројот на животните, така треба и да се направи. Зошто ЗОО – Скопје мора по секоја цена да има многу животни ако не може да води соодветна грижа за нив?

Претходна вестМафијаш нуди остров во Дубаи за помала казна
Следна вестВо оваа земја е забрането да се вози во зимска јакна, казна 200 евра