Град Скопје ги демантира тврдењата од денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, дека ќе се уриваат дел од објектите во рамки на спортскиот центар „Борис Трајковски“, а на тоа место ќе се градат бетонски зданија.
-Станува збор за регулациски план, којшто е донесен одамна, а со истиот се предвидува пробивање на сервисна уличка за потребите на околните постоечки објекти. Тоа е сервисна уличка, а не булевар како што манипулираат од ВМРО-ДПМНЕ, и истата може, но не мора да биде изградена во иднина, велат од Градот во соопштението – реакција.
Исто така, ги демантираат и како што велат, изнесените лаги дека во овој дел од градот ќе се градат згради, како и дека се планира уривање на некој од постоечките објекти од СЦ „Борис Трајковски“.