Град Скопје тврди дека продолжува со засилени инспекциски надзори на терен 24 часа дневно, со цел да го намали загадувањето и да ја заштити животната средина. Од Одделението за односи со јавноста при Градот истакнуваат дека неселективно се изрекуваат казни за сите прекршители на законот, кои го загрозуваат здравјето на граѓаните и ја загадуваат животната средина.
-Во изминатата година изречени се казни од 9 до 100 илјади евра за правни лица, како и соодветни санкции за физички лица што биле затекнати при создавање или палење диви депонии и кршење на законите, информираат од Град Скопје.
Покрај инспекторите на Град Скопје, надлежност за справување со загадувањето имаат и 14 други институции, меѓу кои Министерството за животна средина, Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за животна средина и инспекциските служби на десетте скопски општини.
-Иако повеќе институции имаат законска обврска да реагираат, Град Скопје е единствениот што постојано дејствува на терен, додека останатите не преземаат конкретни активности, нагласуваат од Градот.
Минатата недела инспекторите на Град Скопје изрекоа над 20 санкции, а на неделно ниво просечно се казнуваат помеѓу 20 и 30 сторители.
-Поднесовме кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, кои се опасни по здравјето и ја нагрдуваат околината, истакнуваат од Градот, додавајќи дека од Обвинителството сè уште нема реакција за кривичната пријава против „Усје“.
Град Скопје спроведува долгорочни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.
-Реализираме проекти за субвенции за инвертери, велосипеди, замена на азбестни кровови, како и акции за садење дрвја и создавање нови зелени површини. Во тек е изградба на мега парк во Карпош на површина од 80.000 метри квадратни, а завршена е и Ботаничката градина во Скопје на 12.700 метри квадратни, соопштуваат од Градот.
Покрај тоа, Градот воведе зачестени машински чистења и миења на улиците и контролира сообраќајни режими за тешки товарни возила, во координација со МВР.
Град Скопје повикува останатите институции да ја преземат својата одговорност и активно да се вклучат во борбата против загадувањето.
-И покрај нашиот труд, резултатите нема да бидат целосни без поддршка и активна улога на сите надлежни институции, апелираат од Градот.