Градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски, попладнево преку социјалните мрежи упати порака со која алармира за сериозноста на силниот пожар кој се шири од Пехчево.
-Ситуацијата со пожарот, кој избувна во атарот на општина Пехчево е исклучително сериозна и полека но сигурно се префрла и на територијата на општина Берово, кон најблиските села, порача Пекевски и упати апел за масовно вклучување на населението во гасење на пожарот.
Според информациите, пожарот доаѓа од високо, од шумските предели над селата, но се шири на голема површина.
На терен се противпожарните единици од Берово и Пехчево како и Шумското стопанство, Центарот за управување со кризи и ДЗС.
Се апелира и до месното население, кон масовно вклучување во гаснењето на пожарот, со цел последиците и штетите да бидат помали.