Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски предлага дивоградбите наместо да се рушат да се конфискуваат. Поточно тој на денешната седница на ЗЕЛС ја достави Иницијативата за изнаоѓање на законско решение за конфискација на бесправно изградените објекти со бесправен статус и нивна ре-употреба.
– Целта на оваа Иницијатива е да најде и произведе решение и даде можност за конфискација на бесправно изградените објекти и нивна пренамена во функција на општината. Ако оваа Иницијатива стане реалност, општините по конфискацијата ќе ги користат објектите за потребите на своите граѓани, изјави Герасимовски.
Согласно иницијативата, во постоечкиот закон потребно е да се вметнат одредби каде што при утврдување дека објектот, предмет на постапката за легализација, отстапува од правилата предвидени во конкретниот закон, да се упати на постапка за ре-употреба. Неопходно е да постојат одредби кои при констатирање дека објектот, предмет на постапката за легализација, претставува објект кој е изграден надвор од законски предвидениот рок (после 2011 година), и кој не претставува објект предвиден за легализација согласно Законот. Со измените, истиот со акт ќе се одбие и упати на постапка за конфискација согласно Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка.