Градоначалниците да не бегаат од одговорот – за што ги трошеа парите на граѓаните

Милиони евра се слеваа во општинските каси

 

Градските татковци така исто како што правеа кампањи пред четири години, со средби со граѓани, сега нека објаснат на сограѓаните – каде и за што се потрошија милионите евра во време на нивниот мандат, нека направат и целосна спецификација за трошоците, но и да објаснат за неисполнетите ветувања

За жал, дури и кога граѓанин би побарал информации за потрошените пари директно во општина ќе биде “шуткан” од врата во врата од денес за утре. Дури и новинарите да побараат информации тешко дека ќе дојдат до нив, смета граѓанинот Илчо Мечкаровски

При крај е мандатот на сегашниве градоначалници. Време е да поднесат отчет за сработеното во минатите четири години и пред се каде и за што ги тошеа народните пари. Што направиле, колку пари потрошиле за тоа, зошто некои проекти кои биле ветени не се направени… прашања се чии одговори е редно да им се дадат на граѓаните. А дали тоа во овој последен месец од мандатот го прават општински градоначалници во Македонија, поднесуваат ли некаков отчет за (не)сработеното?

Увидот на општинските „канали“ на информирање покажува како тие да заборавиле на оваа своја обврска. Ретко некој од градоначалниците да поднел четиригодишен отчет, а и тие што ги поднеле ги направиле нецелосно или пак се оставиле на некакви годишни и квартални финансиски извештаи од кои малку кој од граѓаните може да разбере нешто… Сето ова го забележуваат и самите граѓани кои сметаат дека воопшто не се информирани за тоа како и за што биле трошени нивните пари преку општинските буџети.

– За жал, дури и кога граѓанин би побарал информации за потрошените пари директно во општина ќе биде “шуткан” од врата во врата од денес за утре. Дури и новинарите да побараат информации тешко дека ќе дојдат до нив. Информирањето функционира на начин – залепи ливче на бандера за тоа дека на тој и тој датум ќе се одржи состанок во месната заедница. Сега, колкав дел од граѓаните оди и чита што е залепено на бандера ? Колкав ќе биде бројот на граѓани што ќе дојдат до таа информација ? Еве и да кажеме дека ќе го видат и ќе отидат на таа средба на која секако нема да присуствува Градоначалникот, некој ќе им прочита информации, а истите половина од присутните нема ни да ги разберат, ни вели битолчанецот Илчо Мечкаровски.

Збунувачки извештаи

А граѓаните би требало да знаат што се правело во изминативе четири години од страна на градоначалниците. Парите кои за тој период се потрошиле не се мали. Просечен годишен буџет на Градот Скопје е околу 100 милиони евра што значи дека за четири години се потрошени околу 400 милиони евра. Во општина Охрид годишно се трошат 19 милиони евра од Буџетот, во Битола – 35 милиони евра, во Прилеп – 22 милиони, Велес – 15 милиони, во Аеродром – 13 милиони евра, Карпош – 18 милиони, Бутел – 9 милиони евра и што помножено со четири години дава огромна сума на пари. Каде се тие потрошени, колку отишле за плати и надоместоци на вработените, колку за комунални трошоци, колку за одредени проекти кои ги правела општината тешко може да се разбере. Најголемиот дел од општинските градоначалници воопшто не се погрижиле за тоа да ги информираат граѓаните. И покрај бројни служби за информирање и портпароли кои ги ангажираат веднаш по победата на изборите, такви информации не се сработени како што треба. На интернет-страниците на општините такви извештаи нема да се најдат. Нема во Скопје, Битола, Охрид, Струмица… Се наѓаат само „завршни сметки“ на буџетите или квартални извештаи за реализација на буџетските средства полни со фрази од типот „тековни прошења“, „договорени обврски“, „трансфери“, „социјални надоместоци“… Едноставно, за што се потрошени парите малку кој граѓанин може да разбере.

-Таквите извештаи се целосно неразбирливи. Граѓанинот треба да е експерт за да разбере нешто, но и тогаш од нив не може да се заклучи на што се потрошени општинските пари. Тие извештаи мора да се прават на поедноставен начин, секој да може да разбере. Да се каже, за плати отишле толку пари, за проекти толку…, смета скопјанецот Лазо Глигоровски.

Општина Карпош е меѓу единствените локални самоуправа со јавно објавен Граѓански буџет. Таков буџет, од кој граѓаните лесно можат да видат за кои проекти се трошат нивните пари за првпат е направен за 2020 година, а праксата ја повтори и годинава. Општина Аеродром е меѓу ретките која го објавила извештај што е сработено во периодот од 2017 до 2021 година. Но, во извештајот објавен на веб-страницата само се наведени проекти, но не и цените колку тие чинеле. Како се трошеле буџетските пари е наведено во финансиските извештаи кои малку кој ќе ги разбере. На сајтот на општина Прилеп има извештај за проекти направени во 2019 година при што се наведени и сумите платени за нив. Но, нема извештаи за сиот четиригодишен период. Уште помалку има извештаи за тоа што не е направено.

-Ние не сме информирани и не знаеме каде се трошат и за што се трошат парите од Буџетот во нашата општина Бутел. А за реализирање на проекти е и нашата улица во Радишани на Бел Камен ул. „Радисанска“, лево. за која ни беше ветено пред 3 години лично од градоначалникот. Но, ништо од тоа. Остана само на ветување, ни вели Васко Трифунов од скопската населба Радишани.

Контрола врз трошењето

Очигледно некои работи кои се однесуваат до информирањето на граѓаните мора да се сменат во општините. Претстојните локални избори и нови раководства се прилика за тоа. Се покажува дека за вистинска јавност во работата не е доволно само да се објават „квартални“ и „годишни“ финансиски извештаи кои ги прават финансиските оделенија а се наменети за УЈП, за државните ревизори кои доаѓат во контроли. Информирањето мора да биде редовно и едноставно.

– На хартија сите општини се транспарентни, а хартија трпи се. Буџетот треба да е отворен и разбирлив за граѓаните кои го полнат. Не може секој да биде економист па да разбере. А со тие пари да се плаќаат приоритетни проекти. Прашање е дали се што е ветено во кампањата дали 10 проценти е реализирано, ни вели битолчанецот Ѓорѓи Јошевски.

Граѓаните сметаат дека нивното информирање од страна на општините мора значително да се подобри, а предлагаат и да се врши контрола на тоа како се трошат општинските буџети.

– Мора да има едно координативно посебно тело на ниво на државата кое ќе врши надзор како се тошат општинските пари. Односно, тие да се трошат само за стриктна намена и приоритети ветени на граѓаните, а не за луксузни автомобили и слично. Парите само да се трошат за приоритетите кои им се ветени на граѓаните, бара Лазе Глигоровски.

Дали идните градоначланици планираат да воведат и вакви промени ќе се види веќе во изборната кампања и ветувањата кои што ќе ги дадат. Или, и сега ќе ги заобиколат за да се продолжи по старо.

Нема ни отчет за ненаправените, а ветени проекти

Никој од градоначалниците не ги информира граѓаните за тоа зошто во изминативе четири години не ги направил проектите кои ги ветил. На пример во Прилеп нема објаснување зошто се уште се чека на ветената целосна гасификација, изградба на здравствен спортско-рекреативерн центар со покриен базен… Битолчани, пак, се уште чекаат на нов зимски центар, еколошки возила во градскиот превоз…Се чекаат нови средни училишта во општините Тетово, Куманово, Аеродром и Ново Село, универзитетски клиники во Тетово и Битола… А неисполнетите ветувања во Скопје се долга, долга приказна…