Замислената реформа во образованието секој ден добива единици од релевантни институции, ама министерката Царовска уверува дека има силна поддршка. Од кого е поддршката?
Министерката вчера трчаше кај градоначалниците (повеќето се од нејзината партија) и здружно соопштуваат – реформата е неопходна и добра. Па трчаше во СОНК да се сретне со синдикалците иако тие ден претходно кажаа дека реформата треба да се одложи. Сега најавува дека ќе се сретнала и со родители. Но што е со сериозните институции и експерти кои и кажаа дека реформата е лошо осмислена и треба да се сопре, да оди на поправен? Тие ќе бидат игнорирани?
Од министерството велат дека веќе се стигнати квалитетни предлози кои Работната комисија ги зема предвид и дел од нив ќе бидат прифатени. Дали се мисли и на оние стручни и експертски мислења кои до сега укажаа дека реформата е со лош тајминг и не треба да се прави на овој начин?
А такви мислења имаше многу – од МАНУ, Филозофскиот факултет, Институтот за национална историја, Инсититутот за историја на Филозофски факултет, Институтот за социологија, Институтот за педагогија, ПМФ, Педагошкиот факултет, наставници по физика, хемија, биологија, музичка, ликовна уметност…
Повеќе експерти, во интервјуа за „Скопско ехо“ дури и опоменува дека се министерството оди со глава во ѕид.
-Ако продолжи вака процесот, како да немало реакции, тоа ќе значи како удирање со глава во ѕид. Лично, мислам дека МОН ќе го тера процесот, дека предложената концепција ќе ја тераат и натаму, но ќе направат кардинална грешка ако не се сретнат со нас, порача Зоран Матевски, професор по социологија на филозофскиот факултет.
Професорката Симона Груевска – Маџовска, пак, смета дека ваква голема реформа во основното образование не може да се прави без консултација на научната фела, и тоа институционално, не преку лични контакти или по партиска линија.
-Промени се потребни, но не вакви и не на ваков начин. Тоа не може да се постигне преку ноќ, особено земајќи го предвид лошото водење од страна на МОН кое трае со години. Таква бомбастична реформа беше програмата Кембриџ и не беше ефективна. Да бидеме малку реални и поскромни и чекор по чекор, со добар план, кој ќе вклучува соодветно оспособување на наставниот кадар и подготовка на наставните програми и учебниот материјал, да го подобруваме образованието, и не само основното туку и средното и високото. Се менуваат министри, се менуваат партии и секој сака одново да почне. Тоа не може да донесе успех, потенцира Груевска – Маџоска.
И професорот Александар Атанасовски од Институтот за историја на Филозофскиот факултет смета дека ваква јавна расправа не е добра.
– Т.н. јавна расправа е безпредметна, нема ниту една образовна институција која што се согласи со платформата. На таа т.н. јавна расправа се јавуваат веќе „убедени“ експерти, политички послушници и ја оправдуваат Платформата, а тоа министерката го користи како аргумент дека имало некаква расправа. Расправа за ваква платформа воопшто не треба да има, потенцира тој во интервјуто за „Скопско ехо“.
Ако се земе предвид дека и здруженијата на наставниците од повеќе предмети истакнаа дека не ја прифакаат ваквата реформа тогаш сега важно прашање што треба да се одговори е – можно ли е реформата да се спроведе на терен, кога тие што треба да ја спроведат се против. Градоначалниците не предаваат во училиштата, иако до сега јавна тајна е дека бајаги се растрчуваат на крај учебна година за да ставаат петки на „мили дечиња“. Дали градските татковци, по навика, сега и ставаат петка и на реформата и на Царовска?
Па ваквата досегашна навика за „странично“ оценување и заобиколувањето на наставникот го наруши македонскиот образовен систем.