Градоначалниците предизборно се „разбудија“, ама скопјани не спиеја 4 години

Како се наближуваат локалните избори така се поинтензивно е „будењето“ на градоначалниците, кои за своите четиригодишни мандати ветија многу – но не исполнија се. Се почести се вестите и информациите за тоа која општина каде асфалтира улица, тротоар, каде се реновира градинка, училиште, се поставуваат или менуваат канделабри и сл.

На пример пред два дена општина Илинден ги удри темелите на новото училиште во населбата, кое ќе биде дел од основното училиште „Гоце Делчев“.
-Тоа ќе биде потполно исто како и новото средно училиште во населбата Илинден, ќе има 15 училници и плус 8 кабинети, наставничка канцеларија, а ќе има капацитет да прими 450 ученици во една смена. Во новото училиште и учениците и наставниците ќе добијат подобри услови за одвивање на наставата. Со изградбата на новото училиште ќе се создадат услови, учениците да одат на настава само во прва смена, објасни изјави градоначалникот Жика Стојановски.

Тоа е во Илинден додека во Карпош, поточно во ТЦ „Лептокарија“ деновиве се врши санација и замена на плочки. Реконструкцијата, како што се наведува во соопштението на општината, е започната од крајот на минатата недела и тоа на пешачкиот дел на плоштадите на нејзината територијата.

Во меѓу време, општина Гази Баба пак, започна со поставување на лежечки полицајци на нејзината територија.Градоначалникот Борис Георгиевски рече дека обезбедил 250, а ќе бидат монтирани во периодот што следи.

Предизборното „будење“ на градоначалниците не е новитет, односно не се случува прв пат пред овие избори. Очигледно првите луѓе во општините никако не може да сфатат дека жителите ги мерат сите 4 години на владеење пред да одлучат за кого ќе гласаат. Народот нема кусо помнење, па памети и кога ветувањата не се исполнуваат. Па така, новото училиште во Илинден требаше да биде готово до крајот на мандатот на градоначалникот, плочките во „Лептокарија“ се за реставрирање уште многу одамна, исто како што жителите на Гази Баба молат за лежечки полицајци сите изминати години…

Претходна вестВозете внимателно, се казнува – за три часа 210 казни
Следна вестНајбрзиот пијанист на светот доаѓа во Скопје