Скопскиот градоначалник објавува видеа на социјалните мрежи од чистењето и миењето на кејот на Вардар – акција несомнено за поздрав. Но во исто време, на само неколку метри во правец на кејот кон Влада, односно спроти „Парк резиденс“ комплексот од другата страна- пoвремено си пораснува депонија.
Пред речиси една година Градот се фалеше дека ја „збришал“, и неа и ромската населба крај неа: дека повеќе нема да се дозволи да никне, дека ќе се казнува најстрого… Сега, на истото место е истата слика од лани пред да се исчисти: душеци, кабаст отпад, секаков вид на ѓубриште. „Расте“ ли пак и дивата ромска населба?
Од градот повремено чистат, а повремено потсетуваат дека се работело за приватно земјиште и оти ги задолжиле сопствениците да се погрижат да остане чисто. Ќе ги испрателе инспекторите и ќе провереле за што се работи.
Дотогаш, депонијата што во февруари беше искоренета, без малку една година потоа, изгледа пак си го фатила коренот.