Започната е втората фаза од градежните работи за реконструкција на улица „808“ во општина Гази Баба која не била реконструирана повеќе децении и која е во катастрофална состојба, соопшти денеска Градот Скопје. Улицата „808“, која е во надлежност на градските власти, е една од најфреквентните сообраќајници во овој дел од општина Гази Баба, а по истата се движат и голем број на товарни возила бидејќи се работи за индустриска зона.
Во првата фаза на оваа локација се извршија подготвителни градежни работи и реконструкција на водоводната мрежа и останата хидротехничка опрема, а со цел комплетна обнова на мрежата во овој дел на градот. Се спроведоа и активности за реконструкција на атмосферската канализација, како и замена на нефункционалните сливници со што во иднина се превенираат поплави на овој потег.
-Реконструкцијата во втората фаза се врши на потег од крстосницата со улица „16 Македонска Бригада“ (кај централната база на Противпожарната бригада) до крстосницата со булеварот „Киро Глигоров“, а покрај обнова на коловозот на површина од 9.200 метри и должина од 1.000 метри, се изведуваат соодветно пешачка и велосипедска патека од двете страни, се наведува во информацијата.