Одлука за набавка на надвижен имот на Град Скопје во централното градско подрачје се очекува да биде донесена на утрешната седница на Советот на Град Скопје. За кој објект конкретно се работи не е познато. Седницата, инаку, треба да започне утре во 11 часот. Од доставениот материјал се гледа дека се работи за објект кој треба да биде ново седиште на Град Скопје и за целата градска администрација.
-Советот на Град Скопје ја утврдува потребата за набавка на недвижен имот – објект со намена деловен објект во Централното градско подрачје – Мал Ринг за потребите на градската администрација и органите на Град Скопје. Вкупната вредност на недвижниот објект со намена деловен објект во Централното градско подрачје – Мал Ринг за потребите на Град Скопје се утврдува на вкупен износ не поголем од 11милиони евра со вклучен ДДВ во денарска противвредност, кои се обезбедени во Буџетот на Град Скопје, Програма ЕАА. Финансиските средства за набавката на недвижниот имот од член 1 на оваа одлука ќе се исплаќаат до најмногу 24 еднакви рати, пишува во предложената одлука.
Во неа се наведуваат и условите кои треба да ги исполни имотот.
– Недвижниот објект да се наоѓа во Централното градско подрачје – Мал Ринг; – Административен простор со површина од приближно 4000 до 9000м2 за потребите на вработените; Обезбеден пристап за луѓе и возила;Паркинг простор со површина од приближно 20 до 70 паркинг места; Обезбедена инфраструктура, технички и санитарни услови, лифт и Имотен лист или лист за предбележување.
Недвижниот имот – објект со намена деловен објект во Централното градско подрачје – Мал Ринг за потребите на градската администрација и органите на Град Скопје ќе се набави по пат на прибирање на понуди со објава на јавен оглас за купување на недвижна ствар, на начин и во постапка утврдена согласно одредбите од Законот за користење и располагање со ствари во државна сопственост и ствари во општинска сопственост, се наведува во предлогот.
Градот Скопје пред неколку месеци ја продаде својата зграда под Кале на компанијата ЕВН. Шилегов во неодамнешното интервју на телевизија Телма најави и дека „наскоро може да се очекува вселување на градската администрација во нов објект“. Но, не откри за кој објект се работи.