Граѓаните се солидаризираат, Славески најави итна седница за нормализирање на јавниот превоз

Пораки со кои нудат превоз и на други граѓани со своите автомобили од утринава објавуваат граѓани на Скопје по социјалните мрежи. Во пораките се наведува дека во ситуација кога нема јавен градски автобуски превоз можат да помогнат на оние кои немаат сопствени автромобили или не можат да платат такси превоз.

-Утринава тргнувам со возилото од Катланово кон центарот на градот. Во автомобилот имам три места оти го возам и детето. Кој има потреба за да стаса на работа или во училиште нека ми се јави, наведе еден граѓанин на социјалната мрежа Фејсбук.

Жител на Гази Баба, пак, најави дека има три слободни места.

-Одам со кола на работа имам место за тројца што ќе им одговара трасата (релација Палмиро Тољати Ченто – Автокоманда- EastGate-Железничка) во 8.20 излагам можам да ве земам на автобуската пред Среќко Пужалка. Пишете ми во приватна порака, објави тој.

-Утрово со кола одејќи накај работа , застанав и качив 3-ца од станица и ги однесов до работа. Луѓето чекале 45мин автобус на ладново !!! Бидете хумани ,добри ЛУЃЕ качете и вие некого и однесете го/ги до одреденета локација, порача друг граѓанин на Фејсбук група „Стари скопјани“.

Граѓаните се гневни и револтирани отакако јавниот автобуски превоз во градот стана парализиран откако во Скопје од вчера сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров поради недостиг на гориво.

Африм Муча, претседател на Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“  вчера изјави дека состојбата е многу сериозна, дури и алармантна бидејќи, како што рече, речиси 70 проценти од возилата се паркирани.

Најави дека е можно и денес воопшто да не сообраќаат автобусите доколку во теков на денов не им се достави гориво. Посочи дека Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“ од петок ќе одлучи какви натамошни постапки ќе преземе доколку не се среди состојбата во јавното градско претпријатие.

Од Град Скопје вчера попладне признаа дека нафта за јавното сообраќајно претпријатие нема, а за тоа виновен е премиерот Христијан Мицкоски којс, според нив креира кризи во јавните претпријатија.

Од друга страна, претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески информираше дека Советот денеска ќе одржи итна вонредна седница со почеток во 18:00 часот. Според него, Советот, во рамките на своите надлежности, е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци со кои ќе побара од надлежните, пред сѐ од градоначалничката Данела Арсовска и директорите, итно да го нормализираат јавниот превоз на територијата на Град Скопје и да го подигнат нивото на хигиена.

-Нефункционирањето на јавните претпријатија во надлежност на град Скопје, задолжени да обезбедуваат витални услуги за граѓаните, достигна кулминација, порача Славески во објава на социјална мрежа „Х“.

Претходна вестСе слави Св. архангел Михаил – празник на војводата на сите ангели
Следна вестСиљановска лично ќе ѝ честита на Шекеринска за новата функција