Граѓаните се уште протестираат пред Собранието, ги опоменуваат пратениците

Граѓанските протести пред македонскиот парламент кои започнаа на пладне продолжуваат и во попладневните часови и покрај жешкото време. Голем дел од нив и натаму останаа пред Собранието при што, заради горештините и силното сонце, побараа сенки во паркот „Жена – борец“. Поради тоа и состојбата пред парламентот е мирна. Луѓето најмногу се групирани околу споменикот на АСНОМ и изјавуваат дека ќе го чекаат крајот на собранискиот ден и дека ќе ги опоменуваат пратениците да не направат грешка и да го прифатат францускиот предлог.

-Ќе бидеме тука и натаму, а во 19 часот ќе дојдат и другите граѓани за да протестираат. Сакаме да видиме каков ќе биде развојот на настаните внатре во парламентот, каква одлука ќе донесат пратениците, ни рече еден од протестантите.

Од разгласите се слушаат македонски народни и партизански песни, а во моментите кога има директно аудио вклучување во собраниската сала се слушаат свирежи и извици „уа“.

На просторот и натаму се присутни силни полициски единици. МВР потврди дека четири лица се приведени за време на денешните протести.

Претходна вестСобранието на пауза откако пратеничката Дафина Стојановска го искина францускиот предлог
Следна вестОпозицијата го саботира обраќањето на Ковачевски и на пратениците од власта со сирени