Грчката полиција соопшти дека три возила учествувале во страотната сообраќајна несреќа што се случи вчера во Грција на автопатот Игнација, во која животот го загуби битолчанка на 29 годишна возраст, а уште 3 лица се повредени.
Медиумите во Грција го објавија полицискиот извештај во кој се наведува дека несреќата се случила на 21 јуни во 12 часот на 277 километар од автопатот Игнација во правец кон Солун, а возилото го управувала 25 годишна странска државјанка која се судрила со автомобилот управуван од 73 годишен грк.
Потоа во двете возила удрил автомобил управуван од 52 годишен грчки државјанин.
-При несреќата, 29-годишната патничка од странското возоло добила смртни повреди, а други две странски државјанки на возраст од 24 години и 73-годишниот возач на второто возило биле повредени. Од Секторот за сообраќај во Верија се врши прелиминарна истрага за точните причини за несреќата, се додава во соопштението.
Девојката која почина во истото возило патувала со три другарки, сите битолчанки, од кои две добиле со тешки телесни повреди и се хоспитализирани во болниците во Верија и Солун, а третата девојка поминала со полесни повреди.
Фејсбук групата „Бабам Битола“ објави фотографија и идентитетот на младата битолчанка која загина во сообраќајната несреќа што се случи вчера на автопатот Егнатиа во правец кон Солун.
-Мартина, чупе златно, мир да си најдиш. Им посакуваме побрзо закрепнување на останатите три битолчанки, објави „Бабам Битола“.