Ќе си остане ли големиот хидроенергетски проект ХЕЦ „Чебрен“ во македонски раце? Ова особено станува актуелно откако Грчката компанија „Архиродон“ не ја продолжила банкарската гаранција за изградбата на хидроцентралата „Чебрен“ по што најверојатно ќе пропадне и последниот тендер за овој голем енергетски проект. Канал 5, повикувајќи се на изворите во Министерството за животна средина, објави дека грчката компанија не ја продолжила бакарската гаранција чијшто рок истекол на 31 декември.
Со ова се отвора можност Македонија самата да го гради овој стратешки проект за кој скоро сите експерти ја опоменуваа Владата дека не треба да се даде на странци и дека има пари во државниот буџет за земјата самата да го изгради.
Според информациите на ТВ Телма, по налог на министерката Шукова, денеска е формиран тим од правници кои веќе работеле на проектот. Тие имаат задача да ја разгледаат комплетната документација за тендерот и најдоцна до утре да донесат препораки кои треба да бидат следните чекори на надлежните институции во Македонија. Оваа препорака потоа министерката ќе ја достави до Владата.
Претходно не се потпиша ниту договор со грчката фирма за формирање на заедничко тело со ЕСМ за вложување и да се формира заедничка компанија која треба да продолжи со реализација на овој проект
Денеска од Министерството за животна средина и просторно планирање упатија покана до медиумите за брифинг со новинарите кои утре ќе го има министерката Шукова, за, како што стои во електронската порака „прашања поврзани со ХЕЦ ‘Чебрен’ и за други актуелни прашања повразни со животната средина“.
За ХЕЦ „Чебрен“ во изминатите две децении имаше дури 13 неуспешни тендери. Таа е најголемиот проект во енергетиката и производството на електрична енергија во земјава, со инвестицијата во вредност од околу една милијарди евра, со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Според последниот тендер, планираната висина на браната од 192 метри требаше да биде една од највисоките во светот. Основен проект за изградба на ХЕЦ „Чебрен“ е направен уште во 1963 година, а идеен проект во 1965 година.
Според тендерот, обврска на инвеститорот е целосно да ја финансира и реализира изградбата на ПАХЕ „Чебрен“ и „Орлов камен“, додека АД ЕСМ како партнер со задолжение од Владата ќе учествува со изградба на пристапен пат, изградба на приклучок на мрежа, експропријација на земјиште и студија за животна средина, како и вложувањето- подарувањето на ХЕЦ „Тиквеш“ во заедничката компанија. Градежните работи требаше да почнат по завршување на проектирањето и обезбедувањето на потребните документи, а предвидено беше изградбата да трае седум години, а концесијата е со рок од 60 години.
Но, енергетиските експерти укажаа на многу спорни точки. Првенствено, се бараше тој проект да го финансира самата македонска држава и со што тој ќе остане во целосна македонска сопственост. Со ова, како што тврдат тие, ќе се одбегне договорот којшто е крајно неповолен за Македонија. Односно, ќе се одбегне давањето на идната хидроцентрала и на сета вода на долга концесија од цели 60 години. И сето тоа во ситуација кога се знае дека една хидроцентрала максимално се амортизира за половина век. Освен ова, се поставува и прашањето за тоа зошто е мал процентот од 33-отстотна сопственост која ќе припадне на Македонија и зошто за тоа не се добива струја? Зошто мора да се подари на странците ХЕЦ „Тиквеш“, какви се гаранциите за користењето на водата, па се до тоа зошто не се одбрал друг проект, а какви што во минатото имало…