Квалитетот на живот е важен показател што вообичаено се зема предвид при рангирањето на најдобрите градови во светот. Сè – од гастрономски понуди до стапката на криминал може да влијае на квалитетот на животот на граѓаните. Новиот „Глобален индекс за градовите“ на „Оксфорд економикс“ (Oxford Economics) содржи нова топ-10 листа врз основа на шест показатели: Очекуван животен век, приход по лице, еднаквост на приходи, рекреација и културна понуда, интернет-брзина и трошоци за домување.
Според овие критериуми, Гренобл, Франција е град со најдобар квалитет на живот во светот. „Главниот град на Алпите“ е позната омилена планинарска дестинација, но е и центар за научни истражувања, пишува „Тајм аут“ (Time out).
На второто место е Канбера – главниот град на Австралија, што воедно е и единствениот неевропски град во првите десет. Инаку, три града од Швајцарија се меѓу 10-те градови со најдобар квалитет на живот. Топ-10 списокот изгледа вака: Гренобл, Франција. Канбера – Австралија, Берн – Швајцарија, Берген – Норвешка, Базел – Швајцарија, Луксембург – Луксембург, Рејкјавик – Исланд, Цирих – Швајцарија, Гент – Белгија и Нант – Франција.