Запрена е кривичната постапка против обвинетите Никола Груевски, Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски во случајот „Траекторија“ што се водеше во Основниот Кривичен суд Скопје. До ова дојде како резултат на направените измени на Кривичниот законик, а го предложи Јавното обвинителство.
– Имајќи го предвид предлогот на ЈО и измените на КЗ, Судот донесе решение, се запира кривичната постапка против обвинетите Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски за „злоупотреба на службена положба и овластување“, како и обвинителниот предлог против Никола Груевски за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, рече претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков.
Трошоците на постапката, согласно денешното решение, паѓаат на товар на државата.
Обвинителката Лиле Стефанова на денешното рочиште побара обвинението против обвинетиот Никола Груевски да биде повлечено поради настапување на апсолутна застареност, а постапката за другите тројца обвинети да запре поради измените во КЗ.
Случајот се однесуваше за постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид познатата како „Траекторија“. Според обвинението, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и ги пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра.