АД ЕСМ и АД ГТЦ ќе постават сончеви колектори на покривот на Градскиот трговски центар.
Фотоволтаиците ќе бидат поставени на покривниот простор, кој во моментот е неискористен и кој во иднина ќе се употребува за производство на зелена енергија во срцето на градот.
-Со изградба на фотоволтаиците на покривот на Градскиот трговски центар ќе се овозможи инвестирање во нови обновливи извори на енергија, со што се постигнува одржлив развој и се намалува негативното влијание врз животната средина преку искористување покрив на деловен објект, велат од ЕСМ.
Меморандумот за соработка го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, и извршниот директор на АД ГТЦ, Ѓоко Трајчевски.
Зафатот е со цел реализација на Стратегијата за развој на енергетиката 2021-2025 година и еден од врвните приоритети на енергетската политика на АД ЕСМ, а тоа е енергетска трансформација со проширување на производствени капацитети од обновливи извори на енергија, особено на сончевата енергија.