Гусари има, но фали еден кустос на разрушената галија

Каде плови македонскиот брод? Ова е прашање кое непрестано си го поставува јавноста во Македонија во овие кризни времиња кога кормиларите не ги бива баш. А скопјани повеќе од една година ги интересира и еден друг брод – оној здробениот со градежни машини кој се уште стои во Вардар до Холидеј Ин и ГТЦ. Ќе отплови ли конечно таа крајно нагрдена галија од самиот центар на Скопје?

Да не мислат така да ја остават за да биде туристичка атракција? Во стилот – галија оштетена во борба со гусари. Тогаш барем нека стават еден кустос да објаснува на туристите што е што. Или нека стават една објаснувачка плочка како оние по скопските споменици од антиката.

Но, шегата настрана. Треба да се реагира брзо, се почна многу одамна – минатата година, колку време треба да помине за да се заврши тоа? Поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов го почна нејзиното уривање и потоа ја заборави галијата, но тоа не смее да и се случи и на новата градоначалничка Данела Арсовска. Да таа соопшти дека галијата ќе продолжи да се урива, но…

За потсетување: Кога, по неброени најави тргна да ја урива, екс-градоначалникот Шилегов изјави дека се исполнети сите услови и дека галијата која работи како ресторан ќе се размонтира во рок од еден месец. Колку години според него трае еден месец?

Од друга страна Арсовска кажа дека бродот ќе продолжи да се урива бидејќи е „завршена работа и има потпишано извршно решение“. Што според неа е извршно решение?

Од трета страна управителот на галијата се жали до судовите дека надвор од правните норми му се руши објектот.

Сето ова наликува како од времето на гусарите.

Барем ќе има што да кажува кустосот.

Претходна вестШолц: ЕУ мора да се модернизира, не може веќе едногласно да носиме одлуки
Следна вестМицкоски до Ковачевски: Одбиј го францускиот предлог, ние стоиме позади тебе!