Хаос: МОН тврди дека СОНК ја подржува реформата, а од СОНК бараат таа да се одложи

Министерството за образование и понатаму си ја тера својата приказна дека реформата која ја предлага е прифатена од најрелевантните иако секој ден излегуваат по 2 -3 институции во Македонија кои се поврзани со образованието и го тврдат спротивното. Едноставно се поставува прашањето – што всушност министерството подразбира под поддршка?

Еве и денеска истата приказна односно нејаснотија се случи. Дијаметрално спротивни ставови околу реформата во основното образование дојдоа од Министерството и од Синдикатот за образование, наука и култура. Додека Царовска и МОН тврдат дека за промените кои се предлагаат ја имаат и поддршката на СОНК, од редовите на Синдикатот дојде соопштение со кое се бара реформата да биде одложена бидејќи е избразна.

МОН денеска соопшти дека реформите во основното образование требало да се направат уште пред една деценија. Односно, дека со носењето на новата концепција всушност не се брза, туку се доцни.

-Во дебатата за концепцијата од самиот почеток се вклучени раководството на СОНК и регионалните претставништва на СОНК, експерти, професори и други засегнати страни и меѓународни организации и институции како УНИЦЕФ, Светска банка, УСАИД, британска и швајцарска амбасада, делегација на ЕУ. Сите изразија поддршка затоа што реформите треба да резултираат со квалитетно основно образование, информираа од МОН.

Меѓутоа, наспроти ова, СОНК денеска објави дека најавените реформи на министерката за образование Мила Царовска ги смета за избрзани.

-СОНК за Нацрт-Концептот за реформи во основното образование смета дека не се создадени неопходните услови за непречено одвивање на наставата, без претходно отстранување на слабостите за нејзино успешно реализирање и со многу неодговорени прашања и детали во самиот документ. Од погоре наведените причини, Советот на СОНК донесе заклучок, во интерес на поуспешно реформирање на основното образование, дека треба оваа иницијатива да се одложи или да се спроведат пилот училишта во кои би се отпочнала истата и врз основа на резултатите во тие училишта да се детектираат и отстранат евентуалните слабости, да се констатираат добрите страни, а потоа да се преземат чекори за спроведување на реформите, смета репрезентативниот синдикат.

Дали министерката Царовска пак ќе тврди дека има широка поддршка не е јасно, но јасно е дека има проблем со поддршката за замислената и предложена реформа.

Да потсетиме, сериозни забелешки (па дури и барање целосно да се повлече) на реформата до сега дадоа МАНУ, Филизофскиот факултет кој е лулка на македонското образование, ПМФ, бројни институти како оние по историја, педагогија, социологија…, како и наставниците по историја, географија, музичко, ликовно…

Претходна вестЕден загадувач помалку, газдата ја затвори кочанската фабрика „Пејпер Мил“
Следна вестИгор Ангеловски ќе ја предводи фудбалската репрезентација на ЕП