Незадоволството на земјоделците во ЕУ расте. Сега стаса и до самото седиште на Унијата. Земјоделци запалија купишта стари гуми во Брисел во знак на протест барајќи акција од ЕУ за прашањата од евтините цени на супермаркетите до договорите за слободна трговија, а министрите за земјоделство се собраа да разговараат за кризата во овој сектор. Полицијата употреби водни топови за да го изгасне пламенот, но и земјоделците ги пробија полициските блокади.
Над 100 трактори беа паркирани околу седиштето на институциите на Европската унија, на кратко растојание од затворениот простор, каде што министрите пристигнаа на средбата.
Инаку, земјоделците во повеќе држави од ЕУ организираа неколкунеделни протести барајќи акција од политичарите. Локалните проблеми на земјоделците се разликуваат. Но, Морган Оди, генерален координатор на земјоделската организација La Via Campesina, рече дека за повеќето земјоделци „се работи за приход“.