Херој: Фана Кочовска-Цветковиќ на 14-годишна возраст се борела против фашистите

На почетокот на Втората светска војна во Македонија во 1941 година, кога имала само 14 години, станала младинска активистка, следната година веќе била партизанка во битолскиот партизански одред „Гоце Делчев“, а во 1953 година, кога имала само 26 години била прогласена за Народен херој на тогашната Југославија. Тоа е најкратката историја на бестрашната Македонка, Фана Кочовска – Цветковиќ.

Во цела Југославија таа ќе биде позната оти покажала исклучително голема храброст во текот на сите години кога се борела против фашистите за македонска држава и слобода. Инаку, животната приказна на Фана, од чија смрт, на денешен ден пред 20 години, на 17 април 2004 година, се навршија цели 20 започнува во битолското село Лавци на 27 јули 1927 година. Родена е во типично македонско печалбарско семејство во кое татко и на Фана отишол на печалба во САД уште додека таа била бебе.

Втората светска војна ја затекнала со само наполнети 13 г. и 9 месеци, кога и била примена во Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ). Само по неколку недели, поради прогонот од бугарските фашистички власти, Фана преминува во илегала. Како припадничка на партизанските одреди „Јане Сандански” и „Даме Груев”, Фана учествува во неколку битки против германско-бугарските наци-фашистички окупатори. Се одликува со голема храброст, смелост, енергичност и присебност. Била дел и од Февруарскиот поход во 1944., од Кожуф до Козјак како водач на младинскиот баталјон „Стив Наумов”.

Во пролетта на 1944 година, Фана била дел од група од седум војници, кои требало да го запрат производството во рудникот за олово во Пробиштип. Задачата била реализирана, но Фана била повредена. Другарите едвај се спасиле од непријателот. Седиштето на бригадата одлучило да ја остави да биде лекувана во селото. Но, Фана одбила да остане во селото, и продолжила да се бори со бригадата.

Таа се истакнала и за време на битката кај селото Лавци, кога биле убиени командантот Тошо Ангеловски – Даскалот, младиот Панде Хајзе и неколку други храбри борци. Фана четири дена останала сама, опкружена од страна на бугарските патроли, кои и дење и ноќе ги барале, знаејќи дека партизаните се во близина. Но, и тогаш таа успеала да не биде откриена и по што следело продолжување на борбата до конечната победа и ослободувањето на Македонија. Подоцна, следело нејзиното вклучување во изградбата на македонската држава и работи на повеќе значајни државни функции со кои се вградила во тој дел на македонската историја.

Претходна вестКазни за 181 возачи во Скопје
Следна вестОдрони на патот Делчево – Македонска Каменица