Херој – Орце Николов: Избегал од српски затвор, загинал при бугарска заседа

Еден од поистакнатите дејци во македонската борба за слобода пред и за време на Втората Светска Војна е и Јордан „Орце“ Николов. Се потсетуваме денеска на него оти токму на денешен ден (4 јануари во 1942 година) тој го положи својот живот за слободата на македонскиот народ.

Роден е во 1916 година во Скопје. Живеел во сиромашно работничко семејство. Го изучил кројачкиот занает и станал активист на УРС-овите синдикати. Го отслужува воениот рок во 1937 година и по враќањето од војска повторно се вклучува во активностите на синдикатите и заедно со Цветан Димов ја предводи подружницата на шивачките работници.

Бил организатор на многу штрајкови во Скопје и останатите градови во Македонија. Се јавува како иницијатор и организатор и на други акции во предвоениот период, организира прослави по повод годишнината од Илинденското востание, а во следната година и организира политичките демонстрации за Илинден.

Бил уапсен од српската полиција и затворен во злогласниот затвор во Сремска Митровица.

Додека се наоѓал во затвор, на Петтата земска конференција на КПЈ, одржана во Загреб, Орце Николов е избран за кандидат на ЦК на КПЈ. По фашистичката окупација на Југославија, во авгист 1941 година, Николов успева да побегне од затворот.

По бегството, му се приклучува на Фрушкогорскиот партизански одред, а на почетокот од октомври 1941 година оди во Ужице каде по одлука од Врховниот штаб, сите комунисти – бивши затвореници се јавуваат на Врховниот штаб. Орце Николов таму добил задача да се пробие во Македонија, каде што се вршеле подготовки за создавање на првите партизански одреди.

Во октомври Николов со една група Македонци заминува за Македонија. Во околината на градот Лесковац тој чека да му бидат испратени фалсификувани документи за да може полесно да ја помине демаркационата линија низ територијата окупирана од Бугарија. За жал, ноќта меѓу 3 и 4 јануари 1942 година, во пробивањето низ демаркационата линија Орце Николов загинува при заседа на бугарскиот окупатор.

Во Чест на неговото дело, кумановскиот партизански батаљон, формиран во 1943 година, го носел неговото име. Во негова чест една од најдобрите скопските гимназии го носи неговото име.

Бил прогласен за народен херој на Југославија во јули 1945 година како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Случајот на Онкологија и случаите на Гинекологија покажуваат дека во здравството никогаш не било полошо
Следна вестЛевица: Електро-енергетскиот систем спасен од ропство, Чебрен останува македонски