Херојот Борко Темелковски – Лилјакот би страв и трепет за домашните шпиони и фашистичките соработници

Денеска го споменуваме херојот Борко Темелковски – Лилјакот. Тој на денешен ден е роден пред 104 години.

Доживувал неправди, сиромаштија, но никогаш не се предавал. Учел, работел, се вклучил во слободарски движења, учествувал во протести, акции, во вооружена борба во која излегува како херој, а подоцна ја градел слободна Македонија. Сето ова стои зад неговото име. Тој е народен херој од Втората светска војна.

Едноставно, Борко целиот свој живот го посвети на борбата на македонскиот народ за слобода и својата држава.

Тој уште како дете ја почуствувал тежината на сиромаштијата. Татко му, кој бил активен член на движењето на ВМРО, одел по печалби, но на крајот се вратил во Прилеп каде со семејството живееле во трошна куќа а се издржувало со работа по туѓите тутунови полиња. Борко морал да го прекине основното образование, за да подоцна го научи столарскиот занает. Тогаш веќе почнувал и да ги чуствува неправдите во тогашното општество во кое не се признавал македонскиот идентитет.

Станува активен младинец, член на културно-уметничкото друштво „Абрашевиќ“, учествува на штрајкови, протести… Војната во 1941 година и фашистичка агресија го затекнуваат како војник во Србија, бива заробен и испратен во логот во Австрија. Успеал да излезе, да се врати во Прилеп каде веќе се вклучува во оружен отпор против окупаторите. Се приклучува на местниот комитет на СКЈ во Прилеп каде, заедно со останатите соработници организирале ликвидација на домашни шпиони и фашистички соработници. Тој, тогаш, сеуште не им бил познат на бугарските власти па можел непречено да се движи. Во тој период, поради неговата зачестена работа навечер, го добил и прекарот „Лилјак“ – важејќи за храбар, присебен, ладнокрвен и решителен човек. Поради својата ангажираност во Партијата, Бугарите неколкупати се обиделе да го фатат, но безуспешно, а тој продолжува да учествува при формирање нови и проширување на постоечките партиски и скоевски организации и создавање на бази за дејство на партизанските одреди и диверзантските групи.

Во 1942 година преоѓа да делува во Скопје каде живее под лажно име и со лажни документи под името Ристе, а познат како „Ристе столарот“. Покрај „камуфлажната работилница“, Борко бил задолжен за техниката младината на Партијата во Скопје. Потоа доаѓа и до неговиот избор за член на Главниот штаб на Македонија, член на централниот комитет на КПМ, а во април 1944 година станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а во август 1944 година е делегат на Првото заседание на АСНОМ.

По војната вршел високи раководни партиски и државни функции во ЦК на КПМ и ЦК на КПЈ, потпретседател на Владата на НР Македонија од 1951 година и на Сојузната југословенска влада. Повеќепати бил избиран за републички и сојузен пратеник. Бил и претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија и на Сојузот на борците од НОБ, а за народен херој бил назначен на 11 октомври 1953 година. Почина во 2001 година.

 

Претходна вестБочварски бара од Синдикатот на М-НАВ да не штрајкува на Нова година
Следна вестСЗО: Новиот вид на коронавирус претставува низок ризик за здравјето на луѓето