Во земјава не постои вистинска политичка волја за промена не само во политиката, предупреди денеска холандскиот амбасадор во Македонија Дирк Јан Коп. Во обраќањето на Втората регионална експертска конференција за Кластер 1 „Основни вредности“ тој нагласи дека во земјава не се прават реформи.
-Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство. Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји? Слушам дека ЕУ е виновна дека членството е заедничка одговорност и дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нас не оставате да ве чекаме премногу. По децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници? После сите овие години има стратегија за се, има по два акциски планови за се, сечија свест е веќе трипати зголемена и сите се веќе обучени четирикратно. Сепак, се е заглавено поради недостатокот на имплементација, корупцијата и непотизмот. Со едноставни зборови нема вистинска политичка волја за промена не само во политиката, туку и во верските заедници кои што блокираат промена и ја блокираат Инстанбулската Конвенција. Политичарите и понатаму се безчујни и сакаат да се фотографираат со свештениците и оџите. И која е пораката за нас? Пораката е дека ги сакаме вашите пари, меѓутоа не ги сакаме вашите вредности, рече амбасадорот Коп.
Како што нагласи амбасадорот, во Холандија голем акцент се става врз владеењето на правото, бидејќи, како што рече, тоа е основата и камен темелник за сите демократии и тука станува збор за разбирање на правата на граѓаните, за балансот меѓу нивните непремостливи права кон слободите и обврските и имањето на јасни правила со коишто се ограничуваат овластувањата на власта и се третираат сите луѓе на еднаков начин. За сето тоа, како што потенцира, потребно е да постојат стабилни институции, бидејќи институциите се скелетот и основата на државата, а не поединечни корумпирани шефови и диктатори.
Ова не е за првпат амбасадорот Коп да искажува критики за состојбите во Македонија. Во една прилика тој истакна дека состојба е загрижувачка, а Судскиот совет го нарече „нелегитимно тело“.