Холандскиот параглајдерист што падна на Галичица има тешки повреди, не ги чувствувал долните екстремитети

Холандскиот државјанин кој вчера доживеа пад со параглајдер во месноста „Лако Сигној“ на планината Галичица, со хеликоптер на МВР е пренесен во приватната болницатаво Скопје.

Според првичните информации од спасителите кои учествуваа во неговото извлекување, тој има сериозна повреда на р’бетот, поради што не ги чувствувал долните екстремитети. Бил контактибилен за цело време на спасувачката акција во која учествуваа екипи на Планинската спасителна служба, Полициски службеници од Хеликоптерската единица за полициски намени, Алпинистичкиот тим и животоспасители од Одделот за специјални полициски операции – САЕ Тигар, заедно со граничната полиција од РЦ Запад, Националниот парк Галичица, ЦУК и други служби.

Поради комплексноста на повредата и опасноста од дополнителни компликации, несреќниот Холанѓанин во триесеттите години од животот, бил имобилизиран, по што со хеликоптер е пренесен во Скопје.

-Алпинистичкиот тим на САЕ Тигар во 17.00 часот со хеликоптер пристигна на местото на несреќата, го фиксира и го презеде повредениот холандски државјанин Л.Г.Ј.(35), кој претходно беше имобилизиран од екипа на Планинарската спасувачка служба на Црвен крст Охрид и во 17.15 со хеликоптерот од Хеликоптерската единица за полициски намени, која е дел од Одделот за воздухопловни операции на МВР, стартуваше со транспорт кон Скопје. Во 17.50 часот тимот од МВР со повредениот слета на хелиодромот во Комплекс клиники и во координација со лекарите од клиниките, лицето во придружба на животоспасител од САЕ Тигар, на негово барање, во 18.10 часот е префрлено во приватна медицинска установа за укажување на лекарска помош, соопшти СВР Охрид.

Инаку, директорот на ЦУК Стојанче Ангелов соопшти дека информацијата за падот на холандскиот параглајдерист е добиена на 112 од грчки турист кој со возило се движел преку Галичица од Охрид кон Ресен. Според него туристот од Грција најпрво забележал дека нешто не е во ред со параглајдерот, потоа видел како параглајдеристот се обидува да отвори падобран по што следел падот.

-Потоа веднаш е известена Планинската спасувачка служба од Црвениот Крст во Охрид која веднаш се упати кон местото на несреќата. Поради опасноста од дополнителни повреди при транспорт со возило по исклучително тешкиот и нерамен терен од ЦУК беше побарано да се обезбеди хеликоптер, вели Ангелов.

МВР имала дежурен хеликоптер кој по претходна координација се подготвувал да полета кон пожарот во велешка Отовица но истиот го пренасочилее кон Галичица за транспорт на повреденото лице.

-Нешто подоцна вториот полициски хеликоптер полета кон Отовица и заедно со Ер Тракторите на ДЗС значително помогна на храбрите велешки пожарникари и локалното население, вели Ангелов.

Претходна вестСончево и многу топло
Следна вестПожарите кај Отовица и кај Ајватовци изгаснати, пожарникарите на штрек