По тридневните контроли изадовме 33 решенија за утврдените недоследности, а изречени се и 14 парични казни, мерки за забрана за вршење на дејност до исполнување на условите, наредено е регистрирање на нерегистрираните оператори со храна, а како небезбедни уништени се 640 килограми храна од животинско потекло, соопшти денеска Агенција за храна и ветеринарство.
Контролите се правени на скопското подрачје кај оператори со храна, вклучувајќи ги и Бит-пазар, Пластичарска улица и Старата скопска чаршија. Контроли беа спроведени кај 62 оператори – кафе барови, ресторани, гостилници, сендвичари, пекарници, бурекџилници, ќебапчилници, месарница, чајџилници и кај тројца трговци со производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храна.
– Вонредни контроли во Скопје минатата недела беа спроведени и кај оператори кои се занимаваат со трговија на производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната. Надзори се спроведени кај десеттина оператори и еден магацин за оваа категорија производи. Со контролите најдени се оператори со нерегистрирана дејност при што е наложено нивна регистрација, се вели во соопштението.
Агенцијата утврди недоследности кај некои оператори во однос на хигиената и наредено е спроведување на мерки за чистење и дезинфекција. Утврдено е дека нема санитарни книшки за вработените, но и недоследности од поголем обем како што се ставање во промет на небезбеден производ, недеклариран производ, чување на храна на амбиентална температура, а пронајдени се и оператори со нерегистрирана дејност.
АХВ најави дека инспекциските надзори на зелените пазари во главниот град продолжуваат и во наредниов период.
Инспекциските служби на АХВ во петокот спроведоа надзор и во месарница во туристичкиот центар Охрид. Поради нечитка декларација и пласирање на небезбеден производ на пазарот, нештетно се уништени 10,7 килограми смеса од мелено месо. На правното лице изречена му е глоба од 1.000 евра, а на одговорното лице во правното лице дополнителни 400 евра казна во денарска противвредност.