Повторна оставка од функцијата претседател на Друштвото на писателите на Македонија денеска поднесе Христо Петрески. До ова доаѓа откако Петрески на 9 октомври поднесе „неотповиклива оставка“, која потоа ја повлече на 14-ти октомври. Петрески во денешен кус допис до медиумите и до членовите на ДПМ наведува дека поднел оставка.
-Ги известувам членовите на Друштвото на писателите на Македонија и медиумите дека денес официјално поднесов оставка на местото претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Скопје, 17.10.2023 година, Христо Петрески, се наведува во соопштението.
Кои се сега причините за оставката тој не објасни. Група од 38 македонски писатели, членови на ДПМ, вчера испрати барање Петрески да си замине од функцијата, а претседателката на Собранието на ДПМ, Кристина Николовска, во согласност со Статутот на ДПМ, за Вонредното изборно собрание, веќе закажано за 25.11.2023 (сабота) да подготви и да испрати до членството Дневен ред на Собранието, како и Деловник за Вонредното изборно собрание. Во дописот тие наведуваат дека Николвоска треба да упати и повика за доставување кандидатури за претседател на ДПМ и претседател на Собранието на ДПМ, за заинтересираните да можат да ги исполнат своите обврски во согласност со роковите предодредени со Статутот.
Ова група писатели смета дека повлекувањето на „неотповикливата оставка“ од страна на Петрески е постапка без преседан.
– Христо Петрески, пред целото членство на ДПМ (преку кој било медиум), мора да го образложи неаргументираното тврдење испратено до медиумите за наводните притисоци и закани, како и за прашањата што наводно ги задираат идентитетот и македонскиот јазик; Членството на ДПМ нема да дозволи да биде изманипулирано и бара медиумите и пошироката јавност да бидат запознаени со тековните случувања во раководството на Друштвото, зашто по сите превирања и обвиненија, сметаме дека невалидна е изјавата на Христо Петрески дека „работата на Друштвото се одвива во неговите простории и во културните институции, потенцира ова група на македонски писатели.
Повлекување на оставката којашто неодамна ја поднесе Петрески деновиве го објасни со то ашто та абила „изнудена“.
-По барање на голем број членови на Друштвото на писателите на Македонија ги известувам членовите на Друштвото на писателите на Македонија и медиумите дека ја повлекувам оставката од местото претседател на Друштвото на писателите на Македонија, бидејќи истата беше изнудена поради притисоци, уцени и закани, објави тогаш Петрески.