Христо Татарчев прв ја водеше Македонската револуционерна организација во борбата за слобода на Македонците

Македонија била и си останува култ на македонскиот народ, на неговата религија, род, јазик, на реликвиите на неговите дедовци и прадедовци. Индивидуалноста на македонскиот народ, која е резултат на значајни сили што дејствувале низ вековите, е зачувана и до денес, а ќе се зачува и во иднина… Вака во 1930-та година во италијанскиот град Торино, кадешто тогаш престојувал – пишувал Христо Татарчев. Сведоштвото е запишано тогаш кога тој веќе има 61 година и кога зад него е голем револуционерен пат.

Овој македонски великан, еден од основачите на Македонската револуционерна организација и прв претседател на на нејзиниот Централнен комитет и тогаш зборувал:

-Тој дух, заедно со духот на безбројните херои кои паднаа за слободата на Македонија, кој лебди над нашата убава земја, го зачувува во Македонецот светиот огин за слободата, ја зачувува безусловната љубов кон татковината во Македонецот, за да ѝ служи саможртвено, групиран околу својата веќе историска револуционерна организација, од провидението предопределена, со мисијата да ги постигне слободата и независноста на Македонија. На тој начин не само што ќе се создаде правда и справедливост за достојниот македонски народ, туку ќе се создаде и мир на Балканскиот полуостров, порачуваше Татарчев.

Лекар по професија, Татарчев има посебен животен пат. Роден е во Ресен, пред 164 години, на 16 декември 1869 година (поради што и го споменуваме на овој ден), во богато трговско и банкарско семејство. Се школува во Пловдив, Цирих и Берлин. Клучниот период почнува кога во есента 1892 година се вработил како лекар во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ и кога почнува да се запознава со  состојбите на подрачјето на Македонија. Потоа се случуваат и средбите во Солун со Иван Хаџиниколов, со Даме Груев… на кои потоа беше донесена и историската одлука за основање на Македонската револуционерна организација на 23 октомври 1893 година, заедно уште со Андон Димитров, Петар Поп Арсов и Христо Батанџиев.

Потоа следуваат години во кои се развива МРО но и опасностите кои тоа го носи од страна на тогашните турски власти. Во 1901 година се случува тнр. „Солунска афера“ во која и Татарчев е еден од приведените македонски револуционер, а добива петгодишна затворска казна и е испратен на издржување во Подрум Кале заедно со Христо Матов и Пере Тошев. Но, веќе следната година е помилуван и при крајот на 1902 година, Татарчев бил именуван за член на Задграничното претставништво на Организацијата во Софија.

На Солунскиот конгрес на МРО од 1903 година била донесена одлука за кревање на Илинденското востание, меѓутоа Татарчев, кој бил поборник за кревање на востанието, истакнал дека: Солунскиот конгрес… бил совршено незаконски, бидејќи ја одзел можноста на ЗП како составен дел на ЦК, да се искаже по прашањето за востанието… Инаку, во екот на востанието, Задграничното претставништво во име на Организацијата се обратило до големите сили. Преку Декларација, било истакнато дека вмешувањето на големите сили е: единствено средство за се отстрани злото и да се запре пролевањето на крвата. Притоа, било побарано, со согласност на големите сили, за главен управник во Македонија да се назначи христијанин, кој немало да припаѓа на турската администрација и ќе делувал независно од Високата Порта. Било потенцирано дека македонското прашање може да биде решено само доколку постои ефикасна меѓународна контрола.

Својата работа во ВМОРО, Татарчев ја продолжил и по Илинденското востание. Тој не бил избран за делегат, а според тоа, не зел учество на Рилскиот конгрес во октомври 1905 година. По конгресот, повеќе не бил член на Задграничното претставништво на ВМОРО. Потоа, блиску соработувал со десната струја во Организацијата, поради што влегол во судир со Серската група на Јане Сандански и не учествувал во дејноста на Организацијата до Ќустендилскиот конгрес, кога дошло до дефинитивен раскол во Организацијата.

Во есента 1920 година учествувал во создавањето на Македонската федеративна организација, меѓутоа ,поради недоразбирањата кој ги имал со Тодор Александров, морал да ја напушти Бугарија и со своето семејство се населил во Торино, Италија.

Меѓу двете светски војни, Татарчев напишал голем број статии во весниците „Македонија“, „Вардар“ и други како, на пример, „Ставот на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација кон македонското прашање“ (1919), “Пансрпската идеја и македонскиот народ” (1930), “Франција и Југославија во ОН и македонската борба” (1932)…

Во текот на 1944 година Иван Михајлов му предложил на Татарчев да стане претседател на проектот Независна република Македонија, но тој го одбил овој предлог.

По ослободувањето на Вардарска Македонија, Татарчев се вратил во Ресен за да види како се живее таму и евентуално последните години да ги помине во Македонија. Во Ресен се сретнал со своите роднини и пријатели кои ги оставил пред многу години. Но, потоа пак донесува одлука да се врати во Италија.

Татарчев починал во Торино на 5 јануари 1952 година Погребот бил извршен на 7 јануари во 10:30 часот на гробиштата во Торино. Над ковчегот бил положен голем венец од црвени каранфили со свилена црвена лента, со златен напис – “На великиот син – од Македонија”…

 

Претходна вестМетју Пери се удавил во џакузи поради високо ниво на кетамин
Следна вестСаем на македонска традиционална храна „Домашно, природно, вкусно“