Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:
Оваа година на 8 Септември одбележуваме 30 години од денот на независноста на македонската држава. Идеите, стремежите, очекувањата на сите нас беа насочени кон една подобара, поквалитетна иднина во општите современи текови. Во оваа смисла е и моево писание, за да потсетам на почетокот – на 8 септември 1991 г. Токму тогаш се одржа референдум за суверена и независна Македонија.
На гласањето од вкупниот број на жители со право на глас, 95,25 % одговорија позитивно за осамостојување на Македонија. За споредба, во Словенија на референдумот за осамостојување овој процент изнесува 88,5 %. Оттука, датумот 8 септември станува особено значаен во поновата историја на македонскиот народ.
Врз основа на резултатите од референдумот, десетина дена подоцна, Собранието на Република Македонија, на својата седница од 17 септември 1991 г., усвои декларација со која Македонија е прогласена за суверена држава, со што се заокружени легалните аспекти на независноста. Во хронолошки ред, на 17 ноември 1991 г., Собранието на Република Македонија го усвои и го изгласа Уставот на Републиката, а еден месец подоцна, на 17 декември 1991 г, Собранието на Република Македонија усвои Декларација за меѓународно признавање на Република Македонија како суверена и независна држава, барајќи меѓународно признавање. Затоа, неколку дена подоцна Министерството за надворешни работи ѝ ги достави на Бадинтеровата Арбитражна комисија сите неопходни документи за признавање на Република Македонија.
Интересно е што, на 11 јануари 1992 г., на состанокот на ЕУ, извештајот на Бадинтеровата комисија позитивно ги оцени условите на Словенија и на Македонија за признавање и ѝ препорача на ЕУ да ги признае двете земји. Но уште тогаш, имајќи предвид, некои прашања поставени од Грција во врска со името на државата, Бадинтеровиот извештај јасно нагласи дека „името на државата не имплицира никакви територијални претензии“. Четири дена подоцна (15.01.1992 г.) Извештајот е обнароден. Но, неколку часа подоцна новинските агенции објавија дека Европскиот совет решил да ги признае Словенија и Хрватска, но не и Македонија!
Другото е веќе ви познато, имајќи ги особено во предвид нелегитимни и нелегални постаки на владеачката конјуктура од пред неколку години – Договорот за добрососедство, Преспанскиот договор, консултативниот референдум, уставните промени проследени со уцени, подмитувања, застарашувања, одлуката од 11 јануари итн.!
На крајот, во актуелните „северни“ услови на живеење, опстој, несигурност и безизлез, како патоказ за нас Македонците, нека биде Мисирковата мисла за „беззаветна и безгранична љубов кон Македонија, непрекинато мислење и работење за интересите на Македонија и полниот конзерватизам во појавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, народниот живот, обичаите – ете ги главните црти на македонскиот национализам“.