33-годишен жител на хрватскиот град Чаковец успеал со измама да „извлече“ неверојатна сума од над половина милион евра од двајца сограѓани, а парите ги потрошил обложувајќи се на спортски натпревари и во хотели, пишува „Јутарњи лист“.
Според обвинението, тој знаел дека двајцата сограѓани имаат многу пари, па измислил приказна во која тие наивно поверувале, пишува „Јутарњи“.
Измамникот тврдел дека има многу пари во странски банки, но дека му треба заем за да им плати провизии на банките. Така тој во неколку наврати успеал да земе вкупно околу 512.000 евра, тврдејќи дека ќе ги врати штом парите ќе му бидат на сметката, иако реално немал пари во ниту една странска банка и немал намера да го враќа „заемот“.
За да ги убеди двајцата измамени, тој им ја дал сообраќајната дозвола од џипот „Туарег“ со швајцарски таблички, но подоцна разбрале дека џипот воопшто не бил негов. Измамникот, како директор и основач на фирма, им издал задолжници на двајцата измамени, иако знаел дека нема да го наплатат астрономскиот долг. Тој дури и телефонски им се јавил на оштетените, глумејќи дека е вработен во фирма за трансфер на пари и ги уверувал дека наскоро ќе стигнат парите од странство.
– Парите ги чувал за себе и ги трошел во спортска обложувалница, за игри на среќа, хотелски трошоци и други лични потреби. Тој е обвинет и за лажно пријавување во полиција во септември 2021 година во Чаковец, кога пријавил дека ја изгубил личната карта, иако таа не била, а тој продолжил да ја користи и кога му била издадена нова, се вели во соопштението на обвинителството.
Мажот во текот на истрагата бил во истражен притвор, а советот на Општинскиот суд во Чаковец го прифатил предлогот на државниот правобранител и му го продолжил притворот поради опасност од повторување на делата.