И децата сфаќаат колку Владата мисли на нив, а колку на пропаганда

Кaква е положба на децата во Македонија? По вчерашното одбележување на Светскиот ден на детето и по слушањето на говорите по тој повод на премиерот Заев и на неговите министерки за образование и социјала ќе ти се причини дека децата кај нас се на врвот на државните приоритети и имаат се што им треба. Но, дали е така? Дали државата ги прави барем најнеопходните работи за правилен и непречен развој на децата?

Проблемот е што и вчера, како и во изминативе години, се слушнаа пак старо-нови пораки за колку се важни децата за иднината на државата, колку е важно вложувањето во нив, колку е значајно осовременувањето на образованието… Односно, се слушнаа пак ветувањата дека ќе се вложува во нив оти тоа е вложување во иднината, како што кажа премиерот Зоран Заев во својата порака.

А проблемите на децата не се мали како самите деца. Напротив. Доволна беше кризата со корона вирусот за да видиме дека околу 40.000 ученици немаат услови да следат онлајн настава, како и оние што некако ја следат тешко го прават тоа. За старите проблеми во образованието одамна се знаеше, за училишта без тоалети, за деца што не се опфатени со образованието, па се до деца-фантоми кои немаат ни изводи од матични книги на родени. Воедно децата гледаат какво неправично општество ги опкружува. Сето тоа се проблеми кои се прекршуваат врз децата и влијаат врз нивниот развој. Да не зборуваме за тоа како сите тие надворешни фактори влијаат на порастот на малолетничката деликвенција, на нивната агресивност…

Значи, Заев не треба да не прави нас возрасните – деца кои не рабираат каква е состојбата околу децата во Македонија. На вакви празници помалку да се употребуваат зборовите дека „ќе направиме ова или она…“ туку да се каже дека е  „направено тоа и тоа“ за доброто на сите деца, а не само на своите.

Во спротивно и децата ќе сфатат колку Владата се труди околу нив, а колку околу пропагандата.

Претходна вестПријавување на конкурсите за студентски стипендии до 30 ноември, МОН препорачува електронско аплицирање
Следна вестШест лица повредени во сообраќајка на патот Куманово – Скопје