И годинава ќе носат развоен буџет, а развојот во Македонија никаде го нема

Македонија е сиромашна држава, ама во последниве години има се побогат буџет. Чудно е, ама „функционира“.

Забрзан раст, поголеми инвестиции, помал дефицит, зголемена потрошувачка… Ова на вчерашното претставување на новиот буџет за 2024 година го најавија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими. Буџетот е рекорден, ќе тежи цели 5,5 милијарди евра.

И секако, пак ни најавија дека ќе биде развоен.

За капитални инвестиции биле предвидени 773 милиони евра, ќе имало пари за зголемени плати, за пензии… а дефицитот е проектиран на 545 милиони евра, односно, 3,6 од планираниот бруто домашен производ… Очигледно, розови и оптимистички проекции.

Дали сето ова што е проектирано конечно ќе донесе и развој на Македонија?

Искуствата со минатите буџети се доволно предупредувачки. Лани, за тековната 2023 година, буџетот беше проектиран на 5,2 милијарди евра, од кои дури 800 милиони беа предвидени за капитални инвестиции што требаше да донесат голем развој. Но, на крајот, капиталните инвестиции се сведоа на само 500 милиони евра, а стапката на развојот на БДП ќе стаса само до 1,9 процент, според прогнозата на Народната банка. Во 2022 година  буџетот бил 3,8 милијарди евра но тоа донесе раст од само 2,1 процент, а со кој Македонија беше на последно место во регионот…

Значи, не секогаш бучните најави дека се носи рекорден буџет водат и кон развојот.

Народната банка неодамна соопшти дека в година би можело да се очекува развој на БДП од околу 3 отсто. Тоа, сепак, не е стапка која укажува дека земјата забрзано ќе се развива. Посебно и од причина што капиталните инвестиции се врзуваат за изградбата на автопатските коридори за кои, по лошите искуства со делницата Кичево – Охрид, е неизвесно со која брзина ќе се градат и каков развој ќе донесат доколку се појават застои во градбите. Тогаш, пак многу лесно може да се повтори приказната за неискористени средства за капитални инвестиции кои останаа непотрошени.

Од друга страна, и натаму големи пари од буџетот ќе одат за плати на администрацијата кои треба и да се зголемат, за сервисирање на пензиите, а што никако да се намали како учеството во државната каса и што не носи развој. Реформи во администрацијата, реформи во пензискиот систем и натаму чекаат, а што се се плаќа со милиони и милиони евра кои би можеле да се употребат за попродуктивни инвестиции.

Како ли ќе дојде развојот во Македонија?

Претходна вестПункотот за вадење лични документи дневно ќе опслужува околу илјада граѓани
Следна вестВо училишните кујни во Карпош не се пронајде салмонела, анализите продолжуваат