И Кочо Анѓушев на „црната листа“ на САД, вмешан е во значителна корупција

Поранешниот македонски вицепремиер и долгодишен бизнисмен Кочо Анѓушев се најде на американската „црна листа“ откако одлуката за ова е објавена на веб страницата на американскиот Стејт департмент.

-Соединетите Држави го означуваат Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер на Северна Македонија, како генерално неподобен за влез во Соединетите држави, поради неговата вмешаност во значителна корупција. Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси,  се наведува во одлуката.

Денешната акција, нагласуваат од Стејт департментот, покажува дека „САД во Северна Македонија стојат со оние кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери“.

-Оваа ознака ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ, се додава во одлуката.

Анѓушев, инаку, е и почесен конзул на Малта во Македонија. Пред неколку дена Анѓушев организираше голем прием во скопскиот хотел „Александар Палас“ со околу 800 гости за да го прослават големиот јубилеј – 20 години од работењето на комапниите „Феро Инвест“ и „Брако“. На приемот присуствуваа видни личности од сите сфери на општеството – министри, високи претставници на политички партии, поранешни функционери, поглаварот на Македонската православна црква, амбасадори, членови на дипломатските мисии во земјата, странски партнери од 20 држави, новинари, професори и соработници… Во обраќањето пред присутните Анѓушев предложи компаниите да се обединат и да формираат акционерско друштво кое ќе инвестира во изградба на голем батериски систем од 200 мегават часа, за да овозможат енергетската транзиција на земјата да успее. Во наредните 10 години негова групација планира инвестиции во нов концепт наречен земјоделско енергетски комбинат, инвестиции во автоматизација и роботизација на производството во Брако, како и нови модели на еколошки возила за одржување на хигиена во урбани средини.

Пред неполн месец, на американската „црна листа“ завршија и Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, како и Ратка Куновска Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев. Тие им се придружија на веќе споменатиот Јордан Орце Камчев, Рамиз Мерко, Никола Груевски и Сашо Мијалков.

Претходна вестТаткото на убиената Вања пак негира дека кажал на грабнувачите кога таа ќе излезе од дома
Следна вестМалолетник ја нападнал мајка си, а 39-годишник својот брат