Преземени биле сите чекори согласно медицината, базирана на докази и клиничката слика на пациентот Јана Христовска која на 22 март почина во Клиничката болница во Битола, соопшти денеска Министерството за здравство. Ова го утврдила посебната Комисија која изврши стручен надзор во болница. Од анамнезата има податок дека Јана прележала ковид пред шест месеци…
– По направените лабораториски анализи наодите укажувале на мускулно-воспалителна реакција со покачени вредности на креатин киназа и креатин киназа МБ, во рамки на вирусен инфект кој го зафатил и срцевиот мускул со покачена вредност на срцевиот ензим-тропонин. По влошување на состојбата, заклучок на Комисијата е дека се преземени потребните чекори, согласно медицина базирана на докази и клиничката слика на пациентката, пишува во соопштението од Министерството за здравство.
Извештајот од комисијата за стручен надзор ќе биде проследен до јавното обвинителство. Таму пак сè уште не е пристигнат обдукцискиот наод, кој пак треба да покаже која е причината за смртта на девојчето.
Контрола во болницата претходно направија и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, според нив не се констатирани пропусти. Шестгодишната Јана почина пред десетина дена во битолската болница а што предизвика и протести во Скопје и во Битола.