И ликовните педагози против реформата на Царовска: Не постои европска земја каде ликовно и музичко се споени во еден предмет

Со спојување на ликовно и музичко во еден предмет ќе се изгуби суштината на двата предмети од аспект на учениците и наставниот процес. Нема европска земја во која овие два предмета се споени во еден, се наведува во денешната реакција на Иницијативен одбор на ликовни педагози на РМ и Детски ликовен центар-Скопје. Тие сметаат дека за целосно развивање на креативниот потенцијал на учениците потребно е ликовното образование да биде редовен предмет со два блок часови неделно, од прво до деветто одделение.

-Исто така многу важно е ликовните педагози да бидат вклучени во наставата од прво одделение со цел да ги препознаваат и насочуваат потенцијалите за сите професии поврзани со визуелната уметност. Предметот ликовно да е дел од програмата на средните стручни училишта со два часа неделно, особено училиштата (текстилно, архитектонско) во кое се јавува особена потреба од визуелна писменост, се вели во соопштението.

Тие сметаат дека со предложените промени, најмногу ќе изгубат учениците, но и наставниот процес во целина, бидејќи предметот ликовно образование е посебен предмет со свои специфични наставни содржини и истиот нема врска со изборните предмети.

-Сакаме да укажеме и на фактот дека во одредена мера концептот има делумно неточни претпоставки. Имено, не е точно дека нашите ученици се премногу оптоварени, туку напротив, македонските ученици спаѓаат во најмалку оптоварените по број на часови и предмети во Европа. Оптовареноста, според нас, е во содржините и несоодветните програми, а особено во застарениот и неадекватен наставен процес и методички пристап, а не во бројот на часови и предмети. Тоа, конкретно се огледа и во предметот Ликовно образование. Имено, во ЕУ овие предмети се застапени во просек од два до четири часови, велат ликовните педагози.

Тие нагласуваат дека единствениот предмет со кој се развива креативноста е ликовното образование, кој со новата концепција за основното образование е поставен на маргините на образованието со тенденција да се укине. Од друга страна, како што велат ликовните педагози, целта на промените во образованието се прават за да се промовира критичко мислење и креативност кај учениците.

-Сакаме директно да укажеме, дека предложената идеја Ликовно и Музичко да се спојат во еден курикулум сè до крајот на основното образование, ќе доведе едноставно до неможност истиот да се реализира. Во неколку европски програми, постои таков пристап, но главно секаде спојувањето е ограничено на првите три одделенија, се наведува во реакцијата.

Претходна вестБраво, Пандев заедно со Роналдо и Ибрахимовиќ во најдобрите светски фудбалери постари од 34 години
Следна вестФинците фино и објаснија на Царовска, сега ќе ја врати ли реформата на поправен?