И Македонија ќе добива природен гас кој од денеска ќе тече од терминалот во Александруполи

Терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во грчкиот град Александруполи од денеска започнува со комерцијална работа, преку кој низа земји од југоисточна и централна Европа, меѓу кои и Северна Македонија ќе се снабдуваат со природен гас, јави дописничката на МИА од Атина.

Од „Гастрејд“, компанијата-оператор велат дека станува збор за еден од наважните енергетски проекти на европско, регионално, национално и локално ниво и ќе придонесе за енергетската безбедност и развој, за диверзификација на изворите и рутите за снабдување со енергија на Југоисточна и Централна Европа, „надградувајќи ја улогата и важноста на Грција на модерната енергетска карта на Европа, што ја прави енергетска порта за повеќе од девет земји“.

-Терминалот за ЛНГ Александруполи, освен од пловната единица за складирање и регасификација (ФСРУ), се состои и од подморски и копнен гасовод за пренос на природен гас, кој го поврзува ФСРУ со грчкиот преносен систем и преку него ќе испорачува природен гас надвор од Грција и до Бугарија, Романија, Северна Македонија, Србија, на исток до Молдавија и Украина, како и до Унгарија и Словачка на запад. Пловната единица, „АЛЕКСАНДРОУПОЛИС“ именувана во чест на градот и неговите жители, кои го прифатија овој амбициозен проект од самиот почеток, располага со најсовремена технологија, со максимален капацитет за регасификација од 5,5 милијарди кубни метри годишно, соопштија од „Гастрејд“.

На крајот на март 2021 година, Северна Македонија официјално стана дел од проектот за изградба на терминалот за течен природен гас, откако беа потпишани Меморандуми за соработка на АД ЕСМ и АД Национални енергетски ресурси со компании од Грција,

Тогаш, од тогашната македонска Влада соопштија дека „согласно договорот нашата земја учествува со 25 отсто во гасната централа на природен гас во Александруполи која е 800 мегавати, а проценетата инвестиција во оваа електрана е повеќе од 380 милиони евра“ и дека е предвидено учество и „со 10 проценти од вкупната вредност од 370 милиони евра во инвестицијата во гасниот терминал“.

Според најавите, капацитетот на гасниот терминал ќе изнесува 5,5 милијарди нм3, од кои АД ЕСМ односно Северна Македонија закупи 10 отсто, односно 500 милиони нм3 гас од вкупниот капацитет на терминалот. Годишната потрошувачка на гас кај нас изнесува приближно 400нм3, што говори дека државата со обезбедувањето на таа количина од гасниот терминал Александропули и со интерконекторот со Грција ќе обезбеди трајна и безбедна набавка на гас.

Претходна вестКривична пријава за 12 полицајци и шест вработени во Државни патишта на патарината Романовце
Следна вестМицкоски на првиот академски час до студентите: Професорите и политичарите треба да ги инспирираат студентите да остануваат во Македонија