Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска пристигна во посета на Украина, во знак на поддршка на украинското лидерство и украинските граѓани во борбата за одбрана на својата земја и зачувување на својот суверенитет.
-Пристигнав во Украина, земјата која една година го брани својот суверенитет и територијален интегритет. Денеска ќе имам средби со претставници на официјален Киев, на кои ќе им ја пренесам јасната и недвосмислена поддршка од Северна Македонија за суверенитетот на Украина и правото на самоодбрана, наведе таа во објавата на својот профил на Фејсбук.
Петровска во Украина при средбите со претставници на официјален Киев ќе го пренесе ставот кој Северна Македонија го имаше од самиот почеток на руската агресија – Северна Македонија целосно го поддржува украинскиот суверенитет во своите меѓународно признати граници и дава поддршка на правото на Украина за самоодбрана. Воените дејствија, уништувањата и страдањата на украинскиот народ мора веднаш да запрат. Таа лично ќе се запознае со последиците од уништување и разорување предизвикани од руската агресија, а од претставниците на официјален Киев одблиску ќе се информира за состојбата на теренот.
Инаку, завчера во посета на украинската метропола претстојуваше и американскиот претседател Џо Бајден. Украина задутре ќе одбележи годишнина од руската воена агресија во која настрадаа многу граѓани.