И МПЦ има сериозни забелешки и прашања за пописот

Пописните резултати ја кренаа температурата и во МПЦ. Имено, Светиот архиерејски Синод на МПЦ-ОА ги вреднува како нерелевантни податоците од пописот на населението, особено во делот за религиозната припадност. Ова го соопшти денеска  високото црковно тело.

Владиците на Македонската православна црква реагираат на пописните резултати во однос на религиската припадност при што 46.14 проценти од резидентоното население во земјава или 847.390 лица се изјасниле како православни, 590.878 (32.17 проценти) како муслимани, 6.746 (0.37%) како католици, а 242.579 (13.21 отсто) се издвоени во посебна група како „христијани“.

Достоинствениците на Македонската православна црква изразуваат сомневање во статистичка прецизност на пописот.

-Имено, применетата методологија во графата „религиска припадност“ очигледно не разликува припадност на религија (христијанство, ислам, јудаизам итн.), на вероисповед (православно христијанство, сунитски ислам, хасидски јудаизам итн.) и на Црква или верски заедници/групи (Македонска православна црква, Исламска верска заедница, Еврејска заедница итн.). Ова ги прави презентираните резултати конфузни, а со тоа и неточни, затоа што очигледно не ја одразуваат реалната состојба на верска припадност во земјата, се наведува во сооопштението до јавноста.

Владиците поставуваат и прашање околу понудените опции при попишувањето а коишто им биле понудени на граѓаните.

-Во оваа насока, пак, останува неодговорено прашањето зошто вероисповедта како опција не е дадена само кај една од религиите присутни во македонското општество, а очигледно е дека и таму постои варијантност?! Следствено, САС смета дека постои проблем не само во методологијата, туку можеби и некои од попишувачите недоволно ги упатувале граѓаните во можностите за изјаснување, а очигледно е дека опциите постоеле?! , сметаат владиците.

Синодот наведува дека повод за сомневање во точноста на пописот е и непопишувањето на православните Македонци по светот.

-Тоа веројатно беше резултат на отсуството на комуникација со нив на надлежните институции од Татковината, за разлика од посетите на некои министри меѓу иселените припадници од малцинствата. 

Синодот потсетува дека со соопштение од 13.09.2021, а по претходна реакција од верници, упати апел во јавноста „православните христијани да се попишуваат како православни, а не само како христијани“.   

-Земајќи го предвид погоре кажаното, САС на МПЦ – ОА ги вреднува како нерелевантни податоците од пописот на населението, особено во делот за религиозната припадност, со заклучок за постоење на сериозна статистичка грешка, која во случајот опфаќа 13,4 отсто од населението, потенцираат македонските владици.

Претходна вестОпштина Карпош ќе помага при поправки на покриви и лифтови, не можат ли и другите скопски општини?
Следна вестВо Аеродром ќе има народна кујна, субвенции за фасади, кровови и лифтови – прифатен предлогот на „Левица“